Слобода на медиумите во Косово се подобрува, но се уште се оди „по минските полиња на етиката“

Според анкетата која минатата година ја спроведе Асоцијацијата на новинари на Косово меѓу своите колеги, на прашањето кои фактори влијаат на нивната работа, 84 отсто од нив одговориле дека во целост, многу, или делумно тоа влијание врз нив го имаат нивните уредници, 44 насто рекле дека тоа се менаџерите, додека 42 насто одговориле дека тоа се сопствениците на медиумите. Според истата анкета, 14 отсто од анкетираните новинари изјавиле дека политичарите и владините претставници помалку или повеќе влијаат на нивните написи. Тие, исто така, ја истакнаа и цензурата како фактор, главно од нивните надредени и автоцензурата како последица на политички и економски интереси.

Ако на ова се додаде дека медиумите се соочуват и со нестабилна финансиска ситуација, бидејќи главно, преживуваат од маркетинг, како и фактот дека последните години се отворени бројни медиумски портали, чии сопственици обично се непознати, се поставува прашањето, колку медиумите и новинарите денес се професионални во вршењето на својата работа.

Љавдим Хамиди, главен уредник на весникот „Зери“ смета дека токму бројните портали во кои работат многу малку новинари, ги пласираат вестите врз основа на ставовите на политичарите на социјалните мрежи.

„Ако еден политичар го обвини својот политички ривал, написот се објавува неизбалансиран со мислењето на другата страна и тука доаѓа до кршење на стандардите, на правилата на новинарството на Косово“.

Сербезе Хаџиај, уредничка на Радио телевизија Косово, која се занимава со истражувачко новинарство, вели дека во сите косовски медиуми доминира помлада генерација новинари, што значи дека тие немаат доволно искуство и често одат „по минските полиња на етиката“.

„Изложени со не така добри сигурносни услови на работа, работејќи во непрофесионални медиуми кои не ги почитуваат етичките и професионалните стандарди, со овие новинари, за да го задржат работното место, лесно се манипулира или тие стануваат, така да кажам, продолжена рака на сопствениците во служба на одредени агенди. Ова е одлика, воопшто на медиумите на Балканот, каде имаме новинари кои се малку платени, кои имаат мало искуство и со кои е лесно да се манипулира“.

„Постои голем број медиуми кај кои трудовата инспекција пронајде дека само минатата година, 34 новинари работеле без работен договор. Во некои медиуми доцнат платите и се работи прекувремено. Тоа, на некој начин, влијае и на квалитетот на написите кои се објавуваат како во печатените, така и во он лајн медиумите и на телевизиите“.

Хамиди, сепак, смета дека без оглед на незадоволството, вклучувајќи и различни притисоци и цензура, воопшто, на Косово постои слобода на изразување, за разлика од Сербезе Хаџиај која вели дека на Косово нема целосна слобода на медиумите. Како проблем го наведува и фактот што многу новинари се гледаат себе привремено во оваа професија која им служи само како премин за во некое министерство или за поврзување со некој бизнис со цел да обезбедат поголеми привилегии.

„И оваа област доста цвета на Косово. Како што кажав претходно, медиумите се состојат од платеници кои им служат на одредени структури и тоа станува главна одлика на медиумите на Косово. Бидејќи власта, како и се друго, ги погаѓа и медиумите. Со одредени удари, притисоци, закани, цензура, автоматски ја намалија волјата и подготвеноста на новинарите да одат понатаму. На крајот на краиштата, се поставува прашањето дали вредеше борбата, сите закани и пожртвувања, ако не си добро платен, ако не си заштитен, ако утре ја загубиш работата? Значи, многу нешта кои се калкулираат во главата на еден новинар за да ризикува во текот на работата, која е за добробит на заедницата или која на површина носи полагање сметки, злоупотреби и други нешта“.

Во извештајот со наслов „Светски индекс на слободата на медиумите“ кој годинава го објави организацијата Репортери без граници, Косово е на 78 место на листата на медиумски слободи, што е напредок за четири места во однос на претходната година.

Во извештајот пишува и дека медиумите на Косово страдаат од директно или индиректно политичко мешање, финансиски притисок и прекумерна концентрација на сопствеништво.

Љавдим Хамиди вели дека токму политиката, која има потенцијал за рекламирање и бизнисот кој е поврзан со политиката, одлучуваат кој медиум треба да го поддржат.

„Главно, не поддржуваат медиуми кои се критични кон властите и кои работат независно. Од друга страна, имаме и реклами од буџетски институции во медиумите. И тие, исто така, се под политичко влијание бидејќи се раководени од страна на политичарите. Станува збор за министерства, претседатели на општини итн.“

И покрај тешкотиите со кои денес се соочуваат медиумите и новинарите, Хамиди смета дека Советот за печат на Косово значајно придонесе медиумите да ја применуваат новинарската етика.

Нехат Исљами, директор на Советот за печат на Косово, вели дека овој Совет само во 2015 година донесе повеќе од 100 одлуки против говорот на омраза и неприфатливиот говор.

„Познато е дека со зголемување на бројот на порталите се зголеми и бројот на  рубрики со комантари на читателите каде имаше многу говор на омраза и тоа затоа што тие портали беа надвор од секаква конторла и се основаа во функција на партиските и клановски борби и интереси на различни групи и групации. Од друга страна, нашите членови, од кои повеќето се од порталите, целосно ги укинаа рубриките за читателите, не за да ја спречат или да ја кршат слободата на изразување, туку затоа што не беа во можност да процесуираат толку голем број  прекршувања кои се правеа во рубриките за коментари на читателите“.

Исљами додава дека во последните три години не добиле ниту една жалба кога станува збор за говорот на омраза, посебно во однос на малцинските заедници. Овој Совет за 12 години постоење донесе одлуки за 700 жалби на медиумите и новинарите. Само во 2017 година од 67 примени жалби, донесени се одлуки за 33 случаи, а подготвени се и мислења за 34 жалби против медиуми кои не се членови на овој Совет.

Исљами потсетува дека санкциите на Советот се само од морален карактер и дека во Европа само шведскиот Совет за печат изрекува парични казни.

„Ние сме фактички, првиот степен на одлучување по жалбите во врска со етиката, а оние кои не се задоволни со нашите одлуки или бараат парична отштета или одат на суд. И потоа, како втор степен, со тоа се занимаваат судовите. Меѓутоа, искуството ни кажува дека повеќе од луѓето се заинтересирани што поскоро да ја решат неправдата која им е направена во медиумите преку Советот, затоа што ние одлучуваме во рок од еден месец, додека во судовите се одлучува и до пет години“.

Според Сербезе Хаџиај, недоволната ефикасност на косовското правосудство и тоа што се изречени симболични казни заради закани кон новинари, испраќаат само една порака: „Винамавај, бидејќи ќе бидеш казнет“.

„Мислам дека тоа ќе потхранува страв, притисок и автоцензура во медиумите, бидејќи луѓето гледаат дека не постои механизам кој ги штити. За медиумите на Косово, освен законот, не постои друг механизам кој ги штити, а ако нема владеење на законот, тогаш е многу тешко да се очекува новинарите да бидат безбедни“.

Кога ќе се изземе јавниот сервис Радио телевизија Косово, кој го финансира косовското собрание, и некои периодични медиуми кои се затвораа штом нивните сопственици ќе ги постигнеа своите политички и деловни цели, на Косово нема значајни инвестиции во медиумската индустрија. За разлика од регионот, на Косово нема странски инвестиции, што исто така, може да придонесе не само медиумите посигурно да обезбедуваат приходи од реклами, туку и да бидат понезависни од политиката и од групите на интерес. И што е најважно, да известуваат слободно, без калкулации.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ