
Следната ЕК ќе работи на проширување од 2019 до 2024 година
Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека до крајот на овој мандат на Комисијата никој нема да влезе во ЕУ, бидејќи никој не ги исполнува условите за тоа. Но сепак, порача дека во следниот манднат на ЕК ќе се работи на проширувањето. Јункер посочи дека е многу важно да се задржи и потврди европската перспектива на Западен Балкан и најави дека во Софија на 17 мај ќе се одржи самит за Западен Балкан и ЕУ.
„Во спротивно, постои опасност во овој комплициран регион на Европа да посведочиме настани што може да не вратат во почетокот на 90-те од минатиот век, а ние не сакаме да видиме повторување на нешто слично“, вели Јункер.
Со преземањето на претседателството од страна на Бугарија, во фокусот на унијата повторно се врати интеграцијата на Западниот Балкан, откако Софија го постави како еден од нејзините главни приоритети. Претседателот на Европскиот совет го поздрви овој потег на Бугарија.
„Сите би сакале кога минатото и иднината на Балканот би биле помалку драматично сценарио. Стабилноста, безбедноста, просперитетот, тоа е она што луѓето во целиот регион го заслужуваат. Цел на Европа е да помогне тоа сценарио да стане реалност“, порача од Софија Туск.
Проширувањето на унијата повторно се враќа во агендата на Брисел. Комисијата објави дека подготвува стратегија за регионот, според која следниот бран проширување треба да се изврши до 2025 година. Комисијата оценува дека Србија и Црна Гора до 2025 година треба да бидат подготвени за членство, додека Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово до тогаш исто така треба да бидат во поодмината фаза на својот европски пат.
Игор Трајков