Скотланд јард: Скрипал бил отруен на влезната врана на неговиот дом

Британската полиција соопшти дека верува оти поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија првпат дошле во контакт со нервниот агенс со кои беа затуени, на влезната врата на нивната куќа. Скрипал и неговата 33-годишна ќерка се наоѓаат во критична состојба од 4 март, кога беа пронајдени во несвест на една клупа во англискиот град Салзбери.

За труењето на Сергеј и Јулија Скрипал, Велика Британија ја обвини Русија, што резултираше со дипломатска војна меѓу Москва и западните земји. Повеќе од 26 западни земји, решија да протераат руски дипломати во знак на солидарност со Лондон поради труењето на Скрипал.

„Тие земји кои преземаа чекори, многу добро знаат дека се соочуваат со ризикот од одмазда. Искрено тоа се земји кои се поранливи од Русија отколку ние во Обединетото Кралство, дали преку географија или преку нивните енергетски потреби. Јас им оддавам почит затоа што тие знаат дека нивните дипломати во Русија, и нивните семејства мора да се соочат со можноста дека и нивните животи може да бидат превртени“, изјави британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон.

Москва како одговор на британското протерување од Русија избрка 23 дипломати, додека одговорот за другите земји се уште се чека. Русија од своја страна негира каква и да било нејзина поврзаност со труењето на Скрипал и неговата ќерка.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ