
Ситуацијата во Европа продолжува да се влошува
Ситацијата со коронавирусот во Италија секојдневно се влошува. Во последните 24 часа починале 427 лица, со кои вкупниот број на смртни случаи во земјата се искачи на 3.405 и ја надмина Кина која во текот на целата епидемија имаше 3.245 починати. Италијанските власти исто така пријавија 5.322 новозаболени што го зголеми вкупниот број на заболени на над 41.000. 2.600 новозаболени има во Шпанија и 2.000 во Германија. Во Шпанија веќе има над 17.000 заболени и 803 починати а властите стравуваат дека ситуацијата таму многу брзо ќе почне да наликува на таа во Италија.
Сега мораме да опстоиме и да го издржиме ова. Мораме да го промениме начинот на нашиот живот и нашето однесување следејќи ги насоките од нашите власти и препораките од нашите експерти за да можеме да го победиме вирусотСите мораме да допринесеме со нашето однесување и постапки, колку и да се мали, им порача на Шпанците Кралот Фелипе Шести.
Франција е последната голема европска држава која дневно пријавува илјадници новозаболени. Таму бројот на заразени се искачи на 11.000, но брзо расте бројот на заболени и во помалите земји како Швајцарија, Холандија, Австрија и Белгија, кои пријавуваат по стотици нови случаи на дневна основа. Поради тоа што Европа во моментов е најголемото жариште на Ковид-19 во светот, ЕК продолжува со воведување нови мерки во борбата против ширењето ан вирусот. Денеска претседателката Урсула Фон Дер Лајен соопшти дека комисијата ќе го организира враќањето на европските државјани заглавени во трети држави низ светот.
Во овој момент има повеќе од 100.000 мажи, жени и деца кои веќе изразија желба да се вратат дома колку што може побрзо. Тука сме да им помогнеме да се вртат дома, тесно соработуваме со националните влади за ова, европските дипломати низ светот обезбедуваат помош, рече претседателката Фон Дер Лајен.
Бројот на заболени се зголемува и во регионот. Грција веќе има 464 позитивни случаи. Словенија која има 319 заболени, одлучи целосно да го забрани движењето на граѓаните и собирањето на јавните места. Бугарија и Хрватска имаат по 105 а Србија каде бројот на заболени се искачи на 104 лица, од утре целосно ги затвара границите а се забранува и меѓуградскиот автобуски и железнички сообраќај. Албанија има 64 позитивни случаи а Босна и Херцеговина 63.
Надвор од Европа и покрај Кина, Иран е најпогодената земја. Таму денеска беа регистрирани нови 1.046 со кои во земјата вкупно има 18.400 заболени од кои 1.284 починаа.
Нагло се зголемува бројот на заболени и во САД. Денеска беа пријавени нови 2.154 случаи а вкупниот број се приближува до 11.500.
На глобално ниво има 240.770 заболени од кои речиси 10.000 се починати и 86.689 излекувани.
Игор Трајков