СИРИЗА ќе гласа за владиниот предлог Сакеларопулу, да биде претседател на Грција

Најголемата грчката опозициска партија СИРИЗА ќе гласа позитивно за предлогот на Нова демократија, Екатерине Сакеларопулу да биде претседателка на Грција, според она што го соопшти лидерот на партијата и поранешен премиер, Алексис Ципрас.

Ципрас рече дека тие во Парламентот ќе дадат можност Сакеларопулу да биде избрана за претседателка со широко мнозинство и истакна дека оваа одлука на партијата е чин на одговорност.

– Ќе овозможиме новата претседателка на државата да биде избрана со широко мнозинство, бидејќи тоа прилега за секој што ја презема тешката одговорност – како што предвидува Уставот – во следните пет години да биде изразувач на обединетоста на нашиот народ и нашата демократија. Екатерине Сакеларопулу беше врвен избор на владата на СИРИЗА да биде првата жена претседател на највисокиот суд на земјата, Советот на државата. Предлог за кој тогаш Мицотакис и неговите пратеници гласаа против, рече Ципрас.

Лидерот на СИРИЗА упати критики до Мицотакис зошто не ја искористил можноста да го обнови мандатот на актуелниот претседател Прокопис Павлопулос за следните пет години.

Соопштувајќи ја одлуката, Ципрас рече дека нема да го стори истото она што го направи Мицотакис во 2015 кога не го поддржа предлогот на СИРИЗА, Павлопулос да биде претседател на Грција.

Со оваа одлука на опозициската СИРИЗА се отвора патот, владиниот предлог за претседател, Сакеларопулу, во среда во грчкиот парламент, да биде избрана со мнозинство гласови. За Сакеларопулу да биде избрана за шеф на државата уште при првото гласање потребно е да добие 200 гласови од вкупно 300 пратеници во Парламентот, што значи дека освен од 158-те пратениците од владејачката Нова демократија, потребна е поддршка и од пратеници од опозициските партии.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ