
Силна Европа како противтежа на САД
Безбедноста на европскиот континет не треба исклучително да се потпира на САД, дециден денеска пред амбасадорите францускиот претседател Емануел Макрон. Кој најави дека во следните месеци ќе претстави проект за јакнење на безбедноста во Европа и тоа во сите области, почнувајќи од сајбер криминалот па се до конвенционалното наоружување.
„Европа повеќе не смее својата безбедност да ја препушти на САД. Наша обврска е денес да ја преземеме одговорноста и да обезбедиме сигурност, а согласно тоа и европскиот суверенитет. Мораме во целост да ги извлечеме последиците на крајот на Студената војна“, рече Макрон.
40-годишниот француски претседател смета дека дебатата за безбедноста и сигурноста на Европа треба да се прошири на сите европски држави, вклучувајќи ја и Русија, под услов да се постигне напредок со Москва во однос на борбите во источна Украина, меѓу владата и сепаратистите кои ги поддржува Русија. Но Макрон не прецизираше како?
„Оваа зајакната солидарност ќе подразбира повторно осмислување на европската архитектура на одбраната и сигурноста, со иницирање на обновен дијалог за сајбер сигурноста, за хемиското оружје, за конвенционалното наоружување, за територијалните конфликти, за сигурноста на просторот, заштита на поларните зони, посебно со Русија. Јас би сакал ние да започнеме со детална рефлексија со сите наши европски партнери, во широка смисла, па и со Русија“, рече Макрон.
Макрон во говорот пред 250 амбасадори побара заеднички европски буџет за одбраната и посебна безбедносна доктрина. Дека ралцијата ЕУ – САД е под опсервација се потврдува и со последниот твит на Шефот на германската дипломатија, Хеико Мас, според кого крајно време е партнерството со Америка да биде преиспитано.
Хаико Мас на Твитер напиша:
„САД се нешто повеќе од Белата куќа, нашата соработка е подлабока од 280 карактери на Твитер. Со „Годината на Германија во САД“ сакаме да го преиспитаме транспарентното партнерство на трезен критичен и само критичен начин“.
Германскиот министер кажа дека во следните недели ќе претстави план за нова надворешна политика на Берлин кон САД. Тој додаде дека планира да ја искористи манифестацијата „Година на Германија во САД“, која почнува на 3 октомври, за да ја промовира новата политика.
Мас претходно се заложи за создавање силна и независна Европа, која треба да биде „противтежа на САД“ секогаш кога Вашингтон ќе ја „мине црвената линија“.
Билајан Ставрова