
Си поднесе оставка словачкиот министер за внатрешни, однесен од бранот граѓански протести
Убиството на младиот словачки новинар Јан Куцијак и неговата девојка, и официјално се претвори во владина криза во Словачка. Утрово, озогласениот и контроверзен министер за внатрешни работи, Роберт Калинак си поднесе оставка, однесен од бранот масовни граѓански протести.
„Една од работите што можам да ги направам со цел да го исполнам мојот мандат, е да направам се што е можно за стабилноста на Словачка. Затоа одлучив да поднесам оставка од позицијата Заменик премиер и Министер за внатрешни работи“.
Само во петокот, 50 илјади луѓе излегоа во Братислава на протести против социјалдемократската влада на премирот Роберт Фицо, барајќи не само поединечни оставки, туку и составување на нова влада.
„Нашите две барање како граѓанско општество е што сакаме нашата Влада да го истражи убиството на Јан Куцијак и Мартина Кушнирова со меѓународни експерти. Исто така сакаме нова Влада, нова Влада која би имала доверба и без врски со корупцијата и организираниот криминал“.
Веднаш по убиството на Јан, сенката на сомнежот се спушти врз министерот Калинак. Пред повеќе години го прикрил затајувањето на данок од страна на дубиозниот словачки бизнисмен Ладислав Бастернак и се уште учествува во една од неговите фирми. Калинак освен тоа одржувал економски контакти и со еден друг спорен олигарх – Маријан Коцнер, кој во словачките медиуми првично беше посочен како еден од осомничените за убиството на Куцијак, зашто лани јавно му се закани на истражувачкиот новинар.
Но, Калинак ја лажеше јавноста и за врските на словачката Влада со италијанската мафија и осомничените италијани, кои иако беа приведени, некако се уште се на слобода. Медиумите открија како словачката Влада, врз база на извештаите на тајните служби, уште во 2014 година знаеле за односите со главноосомничениот за убиството Антонино Вадала, калабрискиот бизнисмен преселен во Братислава, поврзан со неколку кланови од калабриската мафија Ла Ндрангета.
Самите Словаци се посомневале дека Вадала создал калабриско мафијашка ќелија во Словачка преку која развил илегален бизнис за менаџирање на милиони евра од европските фондови.
Врската меѓу калабриската мафија и владата на Фицо, била неговата лична асистентка, Марија Троскова, поранешна манекенка и топлес модел, која имала отворено заедничка фирма со Вадала.
Сега, дали оставката на Калинак е доволна да се смири јавноста, шокирана и разгневена од насилната смрт на Куцијак и неговата сцршеница, останува големо прашање. Тоа што е јасно е дека самите граѓани, домашните, но и странските новинари и експертите, гледаат се повеќе причини за комплетна оставка на Владата.
„Од ужасното убиство кое се случи преку две недели, многу други ужасни работи се случија, кои говорат дека актуелната Влада нема место тука и тоа треба да им го кажеме. Во последните две недели, има уште 15-20 причини зошто Владата е одговорно и треба да поднесе оставка“.
Убиството на младиот и храбар Јан Куцијак е втор ваков случај во Европа во неколку месеци, по убиството и на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција. И деновиве додека заканите врз новинарите се актуелност и во Македонија, прашањето кое се поставува е што навистина се презема околу поддршката на новинарите, кога се маргинализирани, цензурирани, под притисоци од тужби или под закани?!
Тоа што е јасно е дека не треба да се очекува или дозволи најлошото за да се дејствува во едно општество. Граѓанскиот сектор и медиумите можат да одржат одредено внимание на темата, но како и во многу случаи, после секој инцидент вниманието на јавноста згаснува по неколку дена револт.
Денес сите го оплакуваат Јан, но додека новинарите се живи, малку се прави за нивна поддршка, оставајќи ги како лесна мета на политиката, бизнисот или локалните силеџии.
Испаѓа дека и во една Европа, како и кај нас, новинарите добиваат поддршка единствено откако насилството веќе е сторено.
Ивор Мицковски