
Штрајк во Франција поради старосната граница за пензија
Вработените во Франција, вклучувајќи ги наставниците, лекарите, адвокатите и вработените во Ајфеловата кула денеска, 13 ден по ред, повторно ги напуштија работните места за да протестираат против зголемување на старосната граница за заминување во пензија и да го зачуваат системот на социјална заштита.
Поради тоа, граѓаните и туристите речиси две недели се соочуваат со проблеми во сообраќајот. Покрај подршката за синдикатите, на улиците низ француските градови веќе може да се забележат негодувања.
Според мене се борат за сопствените привилегии а ние ја плаќаме цената. Не можам да ви ја опишам ситуацијата со еден збор затоа што така би било непристојно а сме на телевизија, ние не правиме така. Но според мене тие се борат за сопствените привилегии а не нашите, не на мнозинството,
вели парижанката Лоренс Штурм.
Неколку часа пред почетокот на протестот, полицијата ја барикадираше Елисејската палата поради можноста активистите на движењето „Жолти елеци“ или радикалните демонстранти да предизвикаат насилство, кои се бесни поради економската неправда.
Притисокот врз Макрон се зголемува, откако високиот француски владин комесар за пензии Жан-Пол Делевој поднесе оставка поради наводен судир на интереси, но Владата засега не се откажува од плановите за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 64 години.
Игор Трајков