
Шест загинати во насилните протести во Зимбабве
Бројот на загинатите од протестите во главниот град на Зимбабве, Хараре порасна на шест луѓе, соопшти полицијата. Протестите се случија откако владејачката партија ЗАНУ-ПФ објави дека освоила најмногу места во парламентот на изборите, со што се зацврстува патот до победата на нејзиниот кандидат Емерсон Мнангагва на претседателските избори, кои заедно беа одржани во понеделникот.
Но, брзо потоа избија протести, на кои поддржувачите на опозицијата се судрија со полицијата, што резултираше со жртви. Денеска, лидерот на опозицијата Нелсон Чамиса од Движењето за демократски промени, изјави дека тој е победник на претседателксите избори, а тоа го знае и самиот Мнангагва. И поради тоа, како што кажа, се уште не се објавени резултатите. Ги повика поддржувачите да ги почекаат резултатите од неговата победа и тогаш да почне масовната веселба.
Ова се први избори во Зимбабве, по симнувањето од власт на Роберт Мугабе, кој беше претседател 30 години.