Шефовите на држави и влади не се договорија за новите лидери на ЕУ

Шефовите на држави и влади синоќа не постигнаа договор за новиот состав на Европската комисија и нејзиниот претседател. Единствено сигурно од вчерашната дебата во Брисел е дека од кандидатската листа отпаднаа Манфред Вебер, водечкиот кандидат на ЕПП, Франс Тимерманс на Социјалдемократите и Маргарет Вестагер на Либералите. Разговорите ќе продолжат на вонреден самит на 30 јуни, на кој лидерите на унијата се надеваат дека ќе успеат да постигнат договор за сите членови на новата комисија.

На 30 јуни ќе се состанеме повторно на вонреден самит. Тогаш, по тој состанок на Советот, по консултациите со Доналд Туск и парламентот се надеваме дека ќе предложиме балансиран пакет, секој со своите обврски, и Европскиот совет и Европскиот парламент ќе треба да се согласат за тоа, рече германската канцеларка Ангела Меркел.

Иако ниту едно име синоќа не беше официјално соопштено, според извори во Брисел за нов шеф на комисијата се разгледуваат повеќе кандидати, како хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, белгискиот Шарл Мишел и главниот преговарач на унијата за Брегзит Мишел Барние.

Сега е неопходно во следната недела да се најде консензус за на 30 јуни да имаме договор со кој ќе биде можно да го имаме овој тим на Европа, кој ќе го спроведе овој проект на собирање на различните политички семејства во заедничка амбиција, порача францускиот претседател Емануел Макрон.

Покрај за новиот претседател на ЕК, лидерите на 30 јуни ќе треба да се договорат и за претседател на Европскиот Совет, на Европскиот Парламент, на Европската Централна Банка и за шеф на дипломатијата на ЕУ. Имињата треба да бидат договорени до 2 јули кога ќе заседава новиот состав на Европскиот Парламент.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ