Шефот на полицијата во Атланта поднесе оставка – по убиството на 27 –годишен афроамериканец

Оправданоста на протестите под мотото црните животи се важни, доби нова верификација по уште едно полициско убиство на афроамериканец, кое само допонително ќе го разгори гневот на луѓето кои постојано маршираат низ улиците на голем број американски градови.

Крвавиот инцидент се случи во градот Атланта, во сојузната држава Џорџија.

Полицијата добила пријава дека едно возило го блокира приодот кон ресторанот Вендис. Двајцата полицајци во паркираното возило го виделе 27 годишниот Рејшард Брукс, кој спиел. Полицајците Герет Руф и Девин Броснан најпрвин се обиделе да добијат информации во каква состојба е човекот.

Што се случува човеку, имаше долг ден или нешто слично? Што е работата? Ок, ни се јавија луѓе и ни кажаа дека го блокираш приодот, ме разбираш? Добар ли си? Да не ти треба брза помош или нешто слично или само си уморен? Ок, јас ќе го тргнам моето возило, ти застани на страна и одмори, ајде, вели полицаецот Дејвид Броснан.

Откако се посомневале дека е под дејство на алкохол, полицајците прво го тестирале Брукс , дали може да се движи координирано по што му бил направен и алко-тест. Бидејќи било утврдено дека тој е пијан, полицајците пристапиле кон негово апсење. Тука почнува и серијата инциденти која ќе доведе до крвавиот крај. Брукс успешно се спротиставувал на двајцата полицајци и му го зел електрошок-пиштолот на еден од нив. Почнал да бега , додека полицајците трчаат по него. Во еден момент Брукс се врти кон полицајците и пука од електрошок пиштолот. Не го погодил полицаецот кој бил во негова непосредна близина , по што тој го вади своето огнено оружје и го застрелува афроамериканецот. Тој паѓа на улицата и подоцна е утврдено дека истрелот бил смртноносен.

Убиството предизвика и нови протести на улиците во Аталанта а демонстрантите го блокирале и автопатот И-75 во овој американски град. Доцна во ноќта бил запален и ресторанот Вендис, пред кој беше убиен Рејшард Брукс.

Ова само го разгорува огнот. Постојано имаме мирни протести и додека сето тоа продолжува, вие продолжувате да не убивате!, вели еден од демонстрантите.

Полицаецот кој смртно го застрела афроамериканецот добил отказ од работното место а неговиот колега е суспендиран, соопшти полицијата.

Градоначалничката на Атланта, Кеиша Ленс Ботомс, потврди и дека оставка на својата функција поднела и шефицата на полицијата во овој град, Ерика Шилдс.

Иако ние може да водиме дебата за тоа дали ова беше соодветна употреба на смртоносна сила, јас цврсто верувам дека постои јасна дистинкција помеѓу тоа што може да го правите и тоа што треба да го правите. Јас не верувам дека ова беше оправдана употреба на смртоносна сила и повикав на итен прекин на работниот однос на полицаецот, оцени градоначалничката на Атланта, Кеиша Ботомс.

Адвокатите на Рејшард Брукс оценија дека полицаецот немал право да употреби смртоносна сила, затоа што електрошок пиштолот кој тој им го одзел на полицајците не е смртносно оружје.

Ова е 48-миот инцидент на употреба на полициска смртоносна сила , која бирото за истраги на Џорџија го истражува оваа година , при што 15 од нив завршиле со фатален исход.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ