
Северна Каролина стои на патот на разорниот ураган „Флоренс“
Ураганот Флоренс навлезе во копното на американската сојузна држава Северна Каролина. И тоа во местото Рајтсвил Бич. Моќниот ветер веќе донесе поројни дождови, а речиси 200 илјади домаќинства останаа без струја. Но, како наближува Флоренс оваа бројка би можела драматично да се зголеми до три милиони.
Повеќе од милион луѓе се евакуирани. Неколку крајбрежни гратчиња претходно веќе ја почувствуваа моќта на Флоренс. Ветрот корнеше дрвја, кровови, а донесе и поројни додови и поплави. Луѓето се отсечени од налетот на водата која е со висина од два метра. Спасувачките тимови им порачуваат да се искачат на крововите од куќите и тука да ги чекаат. Интензитетот на ураганот е намален од четврта на прва категорија, но властите апелираат на внимателност, бидејќи неговата моќ може се уште да убива.
„Мојата порака денеска е да не се опуштате. Останете будни, ова е моќна бура која може да убие. Загрижен сум бидејќи слушам како луѓето велат дека Северна Каролина може да здивне. Ве молам слушнете ја мојата порака. Не смееме да ја потцениме бурата. Силината на ветровите можеби е намалена од вчера, но тоа е во замена на големо поле со ветрови кое се протега на речиси 400 километри со ветрови од тропски бури“, тврди гувернерот на Северна Каролина Реј Купер.
Во моментов, Флоренс дува со јачина од 180 километри на час, но на неговиот пат има десет милиони луѓе, како и шест нуклеарни електрани.. Најголема опасност е надоаѓањето на морските бранови чија височина би била 13 метри. За сега се откажани над илјада авионски летови. Се е подготвено за најголемиот удар на Флоренс, кој според властите би можел да биде еден од најголемите кои го погодил источниот брег. Проценките на економската шетат која би ја направил се движат од десет до 60 милијарди долари.
Алиса Шутиноска