
Северна Италија под карантин – драматично зголемување на бројот на починати луѓе од корона вирусот
Бројот на смртни случаи од корона вирусот во Италија се зголеми за 133 лица само за еден ден и сега изнесува 366, потврдија властите.
Истовремено, драстично порасна и бројот на инфицирани луѓе за цели 25% од 5 800-тини на 7 375, според податоците на агенцијата за цивилна заштита. Најголем дел од починатите се жители на Ломбардија а Италија сега има најмногу човечки жртви по Кина.
Алармантните податоци доаѓаат додека милиони луѓе се обидуваат да се адаптираат на новите драстични мерки воведени денеска во обид да се запре епидемијата.
За вкупно 16 милиони луѓе во 15 италијански провинции сега се неопходни специјални дозволи да ги напуштат своите региони, според правилата за прогласениот карантин.
Премиерот Конте најави дека во цела Италија ќе бидат затворени училиштата, спортските сали, музеите, ноќните клубови и други локации во целата држава.
Станува збор за најрадикалните мерки преземени во која било друга држава надвор од Кина , кои ќе траат до 3-ти Април.
“Во оваа територија од нашиот полуостров ќе примениме поостри мерки. Ќе наведам некои. Ќе воведеме поинаква дисциплина отколку остатокот на италијанската територија. За Ломбардија и другите северни провинции кои ги наведов ќе има забрана за сите луѓе да влегуваат или излегуваат од нив, но и да се движат во самите провинции. Исклучоци ќе бидат направени единствено за докажаните професионални потреби, исклучителни случаи и здравствени проблеми” – изјави италијанскиот премиер, Џузепе Конте.
Карантинот ќе опфати ¼-тина од италијанското население кое живее во економски најмоќниот северен регион на државата.
Ситуацијата е особено тешка во регионот Ломбардија, каде живеат 10 милиони луѓе. Меѓу луѓето кои се заразени со коронавирусот е и началникот на генералштабот на италијанската армија, Салваторе Фарина, кој се самоизолирал и тврди дека е во добра здравствена состојба.
Заради коронавирусот, поглаварот на римокатоличката црква својата денешна миса не ја одржа во живо, за да се избегнат гужвите на плоштадот свети Петар, туку преку видеострим.
“Начинот на кој денеска ќе ја извршиме мисата е со цел да преземеме превентивна мерка за да се избегне големото собирање на луѓето кое би можело да помогне за ширење на вирусот” – подвлече папата Франциск.
Доцна синоќа, откако се прошири информацијата дека северните италијански региони ќе бидат под карантин, голем број луѓе се упатија кон железничките станици, во обид да излезат предвреме од регионите кои сега веќе се прогласени за ткн црвени зони.
“Дојдов тука, затоа што пред 2 часа прочитав дека можеби ќе објават итен декрет со кој Падова е во црвената зона и затоа што сакам да се вратам дома на југ кај моето семејство и затоа одлучив да заминам порано” – изјави студентот на универзитетот во Падова, Роберто Паљара
Шефот на светската здравствена организација, Тедрос Адханом, ја пофали одлуката на Италија за воведување карантин, оценувајќи станува збор за вистинска жртва, која се презема за општото добро.
Никола Илиевски