
Серија апсења во Албанија по разорниот земјотрес
17 налози за апсење, издаде обвинителството во Драч, по разорниот земјотрес од 26 ноември. По деталната истрага, заклучено е дека овие инвеститори, и градежни инженери ја злоупотребиле својата положба, ги прекршиле безбедносните стандарди при градба, поради што сите дивоградби, во кои се вмешани, не го издржаа силниот земјотрес. Освен што ја злоупотребиле положбата, обвинети се и за убиство на сите 51 жртва кои беа проголтани од урнатините. Четворица се осомничени за намерно убиство на 24 жртви во Драч.
Девет лица се веќе уапсени утринава, но по другите се трага и се верува дека се во бегство. Премиерот Еди Рама преку социјалните мрежи и се обрати на јавноста. Потврди дека на распит се повикани над 90 осомничени, како и тоа дека истрагата опфаќа најмалку 60 градежни фирми. И истата продолжува.
– Во меѓувреме, во Обвинителството се водат истраги во криминалната полиција за да се документираат одговорните за секое ниво на штета предизвикана од градежни злоупотреби. Првите апсења беа извршени денес, истрагите продолжуваат.
Меѓу уапсените се Ружди Џека градител на хотелот „МираМаре“,каде загинаа две лица и Абдула Осман градител на хотелот Тропкал“, каде загинаа двајца браќа од Косово. Полицијата не успеа да го уапси градителот на четрикатната куќа на фамилјата Лала каде животот го загубија осум члена. Според информациите тој веднаш по земјотресот ја напуштил земјата. Во јавноста се поставија многу прашања зошто некои згради се урнаа до земја а некои останаа недопрени од разорниот потрес. Градежните инженери објаснуваат дека крајбрежјето на Албанија, најмногу Валона и Драч лежи на сеизмичко тло каде е возможно да има земјотреси и од 9 рихтерови степени. Поради тоа, зградите не смееле да бидат повисоки од 4 до 5 ката.
- Во Албанија е изградено повеќе од доволно. Единственото решение за владата е да стопира секаква градба. Зградите кои не ги исполнуваат стандардите треба да се уништат.
Нелегалното градење е еден од најголемите проблеми во Албанја од падот на комунизмот во 1990 година, кога голем број жители се преселија во градовите, што услови масовна градба со слаба контрола од власта. Претходните власти многу од зградите ги легализираа во желба да добијат гласови, но и ги урбанизираа тие области, со што воведуваа канализациски системи и патишта. Албанија допрва ќе прави пресметки за изградба на станови за 14.000 луѓе кои од земјотресот останаа без покрив над главата.
Алиса Шутиноска