
Сенаторот и поранешен против кандидат на Обама, Џон Мекејн почина во Аризона
„Пријатели дојдовме до крајот на еден долг пат. Американскиот народ го кажа своето, и го кажа јасно“, изјави Мекејн по поразот од Обама во 2008-та година.
Сенаторот од Аризона и двоен претседателски кандидат, Џон Мекејн почина по едногодишна битка со мозочниот тумор. Поранешниот морнарички пилот и воен заробеник во војната во Виетнам, 35 години постојано беше присутен на американската политичка сцена.
„Многу сум благодарен на луѓето од Аризона за оваа привилегија, за честа да се служи овде и за можностите кои ми ги дадоа да одиграм мала улога во историјата на земјата која ја сакам“, изјави Мекејн по враќањето во Сенатот од операција на мозокот минатата година.
Мекејн со својата војничка дисциплина не се воздржуваше во критиките на федералната надворешна политика и безбедност, без разлика од која партија доаѓаше администрацијата. Два пати се обиде да стигне до највисока извршна функција во САД. Првиот пат во 2000-та беше еден од против кандидатите на Џорџ Буш Помладиот во Републиканската партија. Во 2008 година ја освои номинацијата на републиканците и стариот одликуваниот воен херој му се спротистави на Барак Обама, младиот сенатор од Илиноис.
„Знам дека не сум најмладиот кандидат, но јас сум најискусниот“, оцени Мекејн почнувајќи ја претседателската кампања во 2008-та година.
По двата неуспешни претседателски обиди, Мекејн се врати во Сенатот и се фокусираше на областите во кои сметаше дека најмногу може да помогне.
„Знам како да се борам и знам како да постигнам мир. Знам кој сум и што сакам да правам“, зборуваше за време на кампањата.
До самиот крај беше жесток критичар на моменталниот претседател и сопартиец Доналд Трамп. Не сакаше да го подржи во кампањата поради сексистичките коментари, се спротистави на неговите планови за укинување на Обамакер, како и за изборот на новата директорка на ЦИА, редовно ги критикуваше надворешна и имиграционата политика на администрацијата. Но ниту остриот јазик на Трамп не мируваше.
„Тој е воен херој. Тој е воен херој затоа што беше заробен. Сакам луѓе кои не биле заробени, добро“, рече претседателот.
Мекејн е роден 1936 година во семејство кое со генерации служи во американската морнарица и од каде потекнуваат двајца адмирали со четири ѕвездички. Не следејќи ги целосно стапките на своите татко и дедо, Мекејн станат морнарички пилот, учествувал во војната во Виетнам каде бил соборен во октомври 1967 година и наредните пет години ќе ги помине во заробеништво. По враќањето во САД продолжил со службата во морнарицата до 1980 година, а во 1983 години е изгласан за Конгресмен и наредните 35 години ќе ги помине на Капитол Хил. Покрај воената и политичка кариера, Мекејн беше и успешен автор, еден од најпродаваните политичари автори во поновата американска историја.
Игор Трајков