Семејствата трагаат по исчезнатите во пожарите во Грција

Грција полека се опоравува од катастрофалните пожари, во кои според најновите информации земаа 82 жртви. Оние кои беа хоспитализирани полека закрепнуваат и дел од нив се пуштени на домашно лекување, па така во болница се 64 луѓе, од кои 11 се во критична состојба. И токму поради нивната здравствена ситуација се стравува дека бројот на жртвите ќе се зголеми. Но и поради големиот број на исчезнати, чии роднини и пријатели грозничаво, низ плач ги бараат по болниците и мртовечниците… Нови тела беа пронајдени во близина на пристаништето Рафина. Меѓу жртвите е и 88-годишна жена чие јагленосано тело спасувачите го најдоа во купатилото. Нејзиниот син рече дека ја пребарувал куќата, но не ја забележал бидејќи се било црно.

„Мојата 88-годишна мајка умре беспомошна бидејќи државата водеше неадекватна операција. Мојата куќа целосно е изгорена, а на мајка ми делумно. Има многу мртви, а на спасувачите им требаа три дена за да видат дали има изгорени тела“.

Сите грчки медиуми јавуваат за потресните животни приказни. Се уште не се знае судбината на шестгодишните близначки чии родители очајно ги бараат. Се надеваа дека ги спасил еден рибарски чамец, но се испостави дека не се тие девојчиња. Ситуацијата е уште подраматична зашто во регионот Атика владее темнина од чад. На главните патишта нема струја, работат само генераторите. Оние куќи кои не се целосно изгорени се мета на крадците, но со нив нема кој да се занимава зашто во тек е потрагата по исчезнатите.

„Го најдовме автомобилот на сестра ми, не беше изгорен, а и куќата исто. Едноставно не можеме да ја најдеме. Нејзината пријателка има мала изгоретина на стапалото, но таа е со нас…Верувам дека е жива, но никој не знае каде заминала“.

Пожарите се ставени под контрола, а во најпогоденото село Мати денеска се вратија и дел од жителите. Соочени со ужасната реалност за пеплосаните домови, се обидуваат да се вратат на животната патека, за која тврдат дека ќе биде премногу долга.

„Да се живее тука, не знам…Не сум сигурен за иднината на оваа област. Плус природата е целосно уништена. Ќе требаат 50 години за повторно да пораснат дрвја“..

Се уште се истражува причината за оваа трагедија, која ги изненади Грците, но не и експертите, кои со години предупредуваат за диво изградените куќи во борова шума, и со тоа ги имаат сите услови за оваа катастрофа.

Во меѓувреме, хуманитарната акација е сместена во пристанишната Рафина. Во градот владее голем метеж, а луѓето прашуваат каде да ги однесат собраните работи. Центарот е импровизиран во голема хала каде освен пакети со храна, се сместени и луѓето кои останаа без домови..Храна и лекови има доволно велат градските власти, но апелираат за финансиска помош. Сега веќе нема што да се стори, рекоа волонтерите. Не можеме да спасиме животи и луѓе. Но, она што можеме е да волонтираме и да помогнеме.

Алиса Шакири Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ