
Се зголемуваат тензиите на релација САД-Иран
Еден ден по вчерашните експлозии на два танкери со нафта во Оманскиот залив, САД и натаму тврдат дека властите во Техеран се одговорни за инцидентот.
Американската војска објави видео снимка на која тврди дека се снимени припадници на иранската револуционерна гарда како отстрануваат неексплодирана мина од страната на еден од нафтените танкери кои беа оштетени во експлозиите.
По седницата на советот за безбедност на ОН зад затворени врати, американскиот претставник, Џонатан Коен го повтори ставот на секретарот за одбрана, Мајк Помпео, дека Иран е одговорен за експлозиите.
“САД проценуваат дека Иран е одговорен за овие напади. Ниту една друга група во регионот ги има ресурсите или капацитетот да дејствува со ова ниво на софистицираност. Иран, од друга страна, ги има оружјата, експертизата и неопходните разузнавачки податоци за да го изведе ова. И конечно, Иран го прави тоа што го вети: Техеран на 22-ри Април вети дека ќе го наруши протокот на нафта низ теснецот Хормуц” – изјави Коен.
Истовремено, САД објавија и фотографии од јапонскиот брод, на кој, според нив се гледа штетата предизвикана од експлозијата и неексплодираната мина пред нејзиното отстранување.
Сепак, ова американско тврдење е контрадикторно на тврдењето на претседателот на Јапонската компанија Кокука Сангјо, чиј брод беше оштетен во експлозиите. Јапонските морнари тврдат дека виделе летечки објект непосредно пред нападот.
“Екипажот на нашиот брод соопшти дека биле погодени од летечки објект. Тие велат дека нешто долетало до нив. Да се постави бомба на страна на бродот не е нешто што го имаме предвид” – подвлече Јутака Катада, претседател на Кокука Сангјо.
Јапонската компанија ја отфрли можноста за напад со мини или торпеда, бидејќи предизвиканата штета на бродот е на делот кој е над водата.
Истовремено и властите во Техеран категорично ги отфрлаат обвинувањата на американците, обвинувајќи ги САД за намерно зголемување на тензиите во регионот.
Вчерашните експлозии се случија еден месец откако 4 нафтени танкери биле оштетени во напад во близина на брегот на ОАЕ.
САД и тогаш го посочија прстот кон Иран, но не понудија никакви докази.
Никола Илиевски