
Се зголемуваат повиците за импичмент на Трамп
Уште тројца демократски претседателски кандидади го повикаа конгресот да ја отвори постапката за импичмент на Претседателот Доналд Трамп, откако специјалниот обвинител, Роберт Малер, вчера ја имаше својата прва и како што најави, последна прес конференција.
Малер беше задолжен за истражување на руското мешање во американските претседателски избори од 2016-тата година и можната поврзаност на кампањата на Трамп со руските агенти.
Тој јасно кажа дека неговата истрага не го ослободила Трамп од одговорноста за обструкција на правдата, контрирајќи на тврдењата на американскиот претседател дека бил целосно ослободен од каква било вина.
Истовремено Малер подвлече дека во согласност со правилата на министерството за правда, кое го раководи лојалниот следбеник на Трамп,Вилијам Бар, не може да се поднесе кривично обвинение против Претседател на САД, додека тој ја врши таа функција.
“Дури и доколку обвинението се чува затворено и надвор од очите на јавноста, тоа исто така е забрането. Специјалниот обвинител е дел од Министерството за Правда и според правилата, бевме ограничени од таа нивна политика. Затоа, поднесувањето обвинение против Претседателот за кривично дело, не беше опција која можевме да ја разгледаме” – потенцираше специјалниот обвинител Малер.
Токму фактот дека Малер немал никаква можност да го обвини Трамп, за дел од демократите е јасна индикација дека сега тие треба да ја преземат иницијативата и да покренат постапка за негов импичмент.
Претседателските кандидати Кори Букер, Кирстен Џилибранд и Пит Бутиџеџ се придружија на 7-мината кандидати за освојување на претседателската номинација на Демократската партија кои и претходно бараа Конгресот да го отпочне импичментот на Трамп. Вкупно 10 од 23-те демократски кандидати за Претседател досега ги поддржаа барањата за импичмент.
Сепак , барем досега, спикерот на претставничкиот дом, Ненси Пелоси, ги одбиваше повиците на своите сопартијци за отпочнување на постапката за импичмент на Трамп , оценувајќи дека тој процес би бил контрапродуктивен и осуден на неуспех.
Дилемите на Пелоси се разбирливи, затоа што за да биде успешна процедурата на импичмент, покрај долниот дом, каде демократите се мнозинство, таа треба со 2/3-тинско мнозинство да помине и во Сенатот, каде мнозинство имаат Републиканците.
Никола Илиевски