Бројката на загинати во пожарите во Грција се искачи на 79

Бројот на жртви во пожарите во областа Атика, се искачи на 79, а повредени се 187 луѓе, додека и понатаму е непознато колку лица се исчезнати.

Спасувачката акција продолжува со проверка на домовите и становите зафатени од пожарот, за евентуално да се откријат загинати или исчезнати граѓани.

  • До сега добивме десетици повици за регистрирање на исчезнати лица. Бидејќи е во тек процесот на идентификација на телата на загинатите, се појаснува дека можеби меѓу исчезнатите да се вклучени и овие 79 лица, чии тела се пронајдени,  како и лица кои се вратија кај нивните најблиски, без да ги информираат надлежните власти, рече портпаролката на грчката противпожарна служба, Ставрула Малири.

Се стравува дека бројот на жртвите ќе достигне  троцифрен број. Населбите погодени од пожарот, се без вода и електрична енергија. Спортската сала во населбата Рафина, од вчера е адаптирана, со кревети, душеци и неопходни продукти за да им се обезбеди кров над глава на сите оние што во пожарот ги загубија нивните домови. Волонтери, организации, граѓани, грчките општини, веќе започнаа хуманитарни акции за помош на настраданите.

Паралелно, грчката влада соопшти вонредни економски мерки за настраданите во пожарите. Министерството за финансии одвои 20 милиони евра за потребите на општините и граѓаните што беа директно погодени, ќе се отвори специјална банкарска сметка од министерството за донации, додека пак за настраданите предвидени се даночни олеснувања. Откако ќе се регистрираат материјалните штети, грчката влада ќе објави дополнителни пакет мерки за поддршка на семејствата на жртвите и на оние чии домови беа уништени.

Од вчера, со одлука на грчката влада, како што соопшти премиерот Алексис Ципрас, во Грција беше прогласена тридневна национална жалост.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ