
Се самоуби познатиот готвач и автор Ентони Бордејн
Ентони Бордејн, еден од најпознатите готвачи во светот и автор на култниот кулинарски серијал „Без резервации“ бил пронајден мртов во неговата хотелска соба во Стразбур, Франција.
Неговата матична куќа Си-Ен-Ен потврди дека се работи за самоубиство.
Харизматичен и пред своето време, Бордејн е меѓу првите кои гастрономијата ќе ја изнесат на телевизија, но и готвач кој себе ќе се извади од кујната. Неуморен истражувач, голем хедонист, фамозна е неговата поговорка дека нашите тела не се храмови, туку забавен парк, но и остроумен човек, еден вид на пролетер на кујната.
Незаборавни и бесценети беа неговите општествени анализи и согледувања за луѓето низ призмата на кујните и културите кои се обидуваше да ги раскаже. Бордејн низ вкусот и стомакот раскажуваше многу повеќе за луѓето, отколку за храната. Секогаш далеку од рестораните на богатите, и тогаш кога раскажуваше за храна сакаше да ја претстави онака како што луѓето навистина ја конзумираат.
Њујоркер по раѓање, својата кариера ја почнува во 70-тите, шетајќи по светските кујни, живеејќи тежок, најчесто скромен живот. И токму расказите за екстремите на таквиот живот, за внатрешноста на кујните, лудориите на готвачите, зависностите од дрога и алкохол, неговата жива и сурова нарација, ќе го проектираат кон славата. Слава, која за волја на вистината никогаш целосно не ја навикнува.
„Се уште, се уште ми е зачудувачки секој ден, секој пат кога можам да си платам кирија на време. Порано, до 44 години никогаш не бев во состојба да платам кирија на време. Немав ништо што наликува, знаете, живеев месец за месец. Живеев како што живеат студенти, додека имав 44. Немав сигурност, немав сопственост, никогаш не сум имал автомобил, немав здравствено осигурување, и бев доста помирен, мислам, комотен колку што се може во таква ситуација“.
Бордејн ја измислува геополитиката на кујната. Неговата филозофија е дека политиката и човековите емоции се комплицирани прашања, но не и скарата. Да се погледне како јадат луѓето во кампови за бегалци, раскажува повеќе од милион говори.
Храната е универзален јазик, и двајца различни да седнат на маса, веќе се на пола пат од разбирање. На маса, околу храна, почнува да се гради мирот, ќе каже Бордејн.
Бордејн ја остава својата 11 годишна ќерка. Во последните години се обидува да го напушти животот на ѕвезда и да пронајде нов баланс. Но, како што и самиот многупати ќе признае, никогаш не разбрал што значи да се биде нормален. Најверојатно затоа што нормалноста не постои.
Убав, паметен и проклет, Бордејн не пронајде мир, стигнувајќи до својот последен гест, вистински шок, за сите што го познаваа.
Ивор Мицковски