Се продалбочува трговската војна меѓу Косово и Србија

Се заострува царинската војна меѓу Косово и Србија. Од денеска на Косово не смее да влезе ниту еден производ од странска компанија, а која има производен погон во Србија, без да плати царина од 100 проценти. Двојно поголема цена ќе се плаќа за Кока Кола, Туборг, Дукат и Гемалто. Приштина објаснува дека пријателите партнери им сугерирале дека сите производи кои пристигнуваат од Србија треба да имаат ист третман.

За новата царинска најава, Белград вели дека е беспредметно да се води дијалог, бидејќи топката сега е во рацете на Брисел и Вашингтон. ЕУ реагираше повторно – дека со загриженост ја следат ситуацијата, и апелираат косвските власти уште еднаш да ја преиспитаат одлуката за проширување на царините и на меѓународните брендови.

За економските познавачи во Белград, новиот потег на Приштина е удар врз европските вредности. Сметаат сепак постојат механизми со кои би можело да се влијае за Косово да ги укине царините.

  • Тие имаат некаков вид на претпристапна помош која им ја даваат на властите во Приштина, околу 645 милиони или нешто повеќе на шест години, од 2014- 2020-та, а тоа е малку повеќе од 100 милиони евра годишно. Имаат механизми…
  • Што значи тоа, имаат механизми со кои би можеле да им ги намалат или укинат тие пари?
  • Така е , да им ги намалат или да укинат некои програми, или да им намалат одредена помош. Тоа би бил механизмот на ЕУ и на некој начин предупредување кое би требало да го добијат, смета Слободан Зечевиќ, од Економски Институт во Белград. 

Но, Брисел ја предупредува Приштина само вербално. Проблемот е што не сака да влезе во судир со Америка, која стои зад Косово, поради економското и геостратешкото партнерство што го имаат. Косовските власти остануваат глуви и покрај повиците да го променат ставот, за кој објаснуваат дека е одговор на агресивната кампања која Србија ја води кон Косово.

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ