
Се огласи ќерката на отруениот руски шпион, Јулија Скрипал: И двајцата сме подобро!
„Секој ден се чувствувам се подобро, станувам се посилна и ви благодарам за вниманието“, ова се зборови на Јулија Скрипал, ќерката на рускиот шпион Сергеј, заедно отруени со нервен отров, минатито 4 март во Салзбери. Ова стои во соопштението издадено од британаската полиција. Но, руската државна телевизија објави и наводен разговор на Јулија со нејзина роднина, Викторија Скрипал во Москва, за кој во телевизијата немаа потврда дали е автентичен.
„Дали тато е добар?“
“Добар е, одмара и спие сега, здравјето на сите е подобро, ништо не е непоправливо. Наскоро ќе излезам, се е во ред“.
Подоцна разговорот ќе го потврди и Викторија Скрипал, која и кажува на Јулија дека доколку добие виза, ќе дојде да ја посети. На тоа Јулија ја отрезнува со зборовите – „Никој, никогаш нема да ти даде виза, Викторија“.
Во меѓувреме продолжува пинг-понгот од обвинувања меѓу Русија и Западот.
Рускиот министер за надворешни работи ги обвини западните земји дека со протерувањата на руските дипломати се потсмеваат со меѓународното право. Неговите коментари доаѓаат ден откако беше ставено вето во Меѓународната организација за забрана на хемиското оружје, на руското барање да и биде дозволено да се вклучи во истрагата за случајот со труењето на Скрипал.
„Вакво отворено потсмевање со меѓународното право, дипломатската етика и основната пристојност, одамна немаме видено. Ќе посочам дека ќе продолжиме да одговараме адекватно на непријателските потези, но во исто време сакаме да ја откриеме вистината“, кажа Сергеј Лавров – Министер за надорешни работи на Руската Федерација.
Според Москва, бројот на држави кои беа воздржани во гласањето за вклучување во истрагата, сугерира дека многу од нив се сомневаат во британското тврдење дека токму Русија стои зад нападот. Лавров тврди дека станува збор за меѓународна кампања за оцрнување на Русија.
„Неприфатливо е, како во врска со инцидентот во Салсбери, како и во повеќе други ситуации од американските избори до нападите со хемиско оружје во Сирија и референдумот во Каталонија, место да се презентираат конкретни факти и да се спроведе темелна истрага да се прават неосновани обвинувања“, додаде Лавров.
Над 20 земји протераа повеќе од 150 руски дипломати по обвинувањето од Велика Британија дека Москва го организирала нападот врз Скрипал и неговата ќерка. Сергеј Скрипал во 2006-та беше осуден на 13 години затвор во Русија, а во 2010, беше еден од четворицата западни агенти кои беа разменети со 10 уапсени руски агенти во САД.
Ивор Мицковски