
Се бројат штетите од земјотресот во Албанија, над 130 повредени
Се бројат штетите по силниот земјотрес кој вчера ја потресе соседна Албанија. Екипите на терен пријавиле сериозни оштетувања на 569 објекти, како и на 53 куќи во Тирана и во Драч. Првичната бројка од 105 повредени се зголеми на 136, откако во текот на денот луѓето побарале лекарска помош, бидејќи , како што објаснуваат лекарите, повредите од стресот може да се почувствуваат и подоцна. 15 повредени ќе останат и вечерва во болница.
Тирана и Драч ги расчистуваат улиците од урнатините, и деловите од фасадите кои не можеа да го издражат првиот потрес од 5,8 рихтерови степени. Луѓето врескајќи бегаа од своите домови, а повредите најмногу ги добиле поради паничното бегање и туркање по скалите од зградите. Раскажуваат за кошмарот кој се случувал на погорните катови. А се траело околу 20 секунди.
- Ужасно чувство, кога удри првиот пат бевме внатре, беше толку силно што едвај ја отворивме вратата. Имаше и деца внатре, и додека бегаа се повредија. Двете мои деца се повредени исто така, а едно 25-годишно момче се повреди во главата. Многу се исплашивме, беше многу моќно, не сме почувствувале нешто вакво.
Нов страв се појави од афтершоковите. Уште три потреси со магнитуда од 5,1 , потоа 4,7 и 4,8 степени.. Стравот ги остави луѓето под отворено небо.
Полицијата е во состојба на готовност, а армијата постави шатори во близина на стадионот во Драч, за луѓето кои не се чувствуваат безбедно да се вратат дома, можат да преспијат во нив. Во текот на денот пристигнаа и првите донации. Општина Тирана ќе издвои еден милион долари за штетите, како и помош во храна и облека.
Тлото во Албанија и денеска не мируваше. Земјотрес во 9 часот изутринава е регистриран со јачина од 3,5 рихтерови степени. Вчерашниот прв потрес е најсилниот кој ја погодил земјата во изминативе 30 години.
Алиса Шутиноска