
Се бараат останките од новинарот Кашоги во шумата крај Истанбул
Турската полиција ја пребарува шумата крај Истанбул и околината на градот на брегот на Мраморното Море за да ги открие останките на саудискиот новинар, Џамал Кашоги. Полицијата верува дека делови од неговото тело се расфрлани во околината на градот. Кашоги исчезна пред две недели откако влезе во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, но оттаму не излезе. При претресот на саудискиот конзулат и резиденцијата на конзулот во Истанбул, истражителите пронашле „многу примероци“ и се обидуваат да најдат траги од ДНК од новинарот. Опсегот на истрагата е проширен откако биле утврдени маршрутите и возилата кои биле на 2 октомври пред конзулатот, вој кој Кашоги бил виден последен пат. Можно е убијците да го фрлиле трупот во Белградската шума во близина на Истанбул или во напуштена област околу градот Јалова. За случајот Кашоги синоќа се огласи и американскиот претседател. Доналд Трамп смета дека новинарот Кашоги, кој беше колумнист во Вашингтон Пост, е веќе мртов, и ја предупреди Саудиска Арабија на остар одговор од Америка. Сепак, нагласи дека ќе го чека исходот од истрагата.