Саудиска Арабија вети дека одговорните за убиството на новинарот Кашоги ќе бидат казнети

„Ова е првиот чекор на долгото патување. Ќе го превртиме секој камен и ќе ги дознаеме сите факти“, министерот за надворешни работи на Саудијска Арабија, Адел Ел Џубеир, вети дека одговорните за убиството на новинарот Џамал Кашоги ќе бидат казнети. За жал, направена е огромна и страшна грешка, рече тој.

  • Поединците кои го сторија тоа излегоа надвор од своите надлежности. Очигледно беше направена огромна грешка, и она што ја надополнува грешката беше обидот да се прикрие тоа. Тоа беше неприфатливо за која било  влада. Овие работи, за жал, се случуваат. Ние сакаме да бидете сигурни дека оние кои се одговорни ќе бидат казнети, рече Адел Ел Џубеир, министер за надворешни работи на Саудијска Арабија.

Саудискиот крал Салман и принцот Мохамед бин Салман, го повикаа синот на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, Салах, и му изразија сочувство, објави саудиска новинска агенција.

Откако негираше вмешаност во исчезнувањето на Кашоги, кому му се губи трагата на 2 октомври откако влегол во саудискиот Конзулат во Истанбул, Саудиска Арабија во саботата објави дека тој бил убиен во тепачка во зградата.

Вереницата на Кашоги, Хатиџе Џенгиз е под 24-часовна полициска заштита. Капшоги на 2 октомври влегол во саудискиот конзулат за да земе документи кои му биле неопходни за да се венча со Џенгиз, односно потврда за развод од сопругата.

Таа со часови го чекала вереникот пред Конзулатот, и откако не се појавил, ги контактирала властите како што Кашоги претходно и кажал да направи. Откако Саудиска Арабија потврди дека Кашоги е мртов, таа на арапски на Твитер напиша: „Го однесоа твоето тело од овој свет, но твојата прекрасна насмевка засекогаш ќе остане во мојот свет“.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека утре ќе објави детали за турската истрага за смртта на Кашоги.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека наскоро ќе разговара со саудијскиот принц за тоа дали и воопшто какви последици ќе претрпи Ријад поради убиството на Кашоги, кој воедно беше и колумнист за Вашингтон Пост. Трамп, во повеќе наврати, рече дека се противи на каква било ситуација која би го довела под знак прашалник догворото со Саудијска Арабија, вреден повеќе од сто милијарди долари, но и дека ќе размисли за санкции.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ