Сандерс објави план за борба против климатските промени вреден 16 трилиони долари

Кандидатот за претседателската номинација на Демократската партија, Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, објави синоќа план за борба против климатските промени, кој го надградува ткн. нов зелен договор, и вклучува инвестиции во износ од 16 трилиони долари.

Амбициозната агенда на најпрогресивниот кандидат за демократската номинација предвидува економијата на Соединетите американски држави до 2050-тата година целосно да се ориентира на обновливите извори на енергија.

Сандерс го опиша својот план како 10-годишна национална мобилизација на сите расположиви ресурси која според него, ќе создаде 20 милиони нови работни места.

Не само што ќе ги послушаме препораките на научниците за префрлање на 100% обновливи извори на енергија за струја и транспорт до 2030-тата година и ќе декарбонизираме нашата економија до 2050-тата година. Ние исто така ќе создадеме 20 милиони нови добро платени работни места.– изјави Сандерс.

Климатскиот план на Сандерс содржи досега најдетален опис како тој планира да се справи со климатските промени, кои претходно ги прогласи на најголема опасност за Соединетите држави, поголема од која било безбедносна закана.

Тој предвидува 100% од електричната енергија САД да ја обезбедуваат од обновливи извори и без емисии на штетните гасови во атмосферата.

Сандерс најави и обнова на транспортниот систем во САД, преку инвестиции во електричните автомобили, брзата железница и проширен јавен транспорт.

Антиципирајќи ги забелешките дека неговиот план е премногу скап, нереален и утопија, Сандерс понуди јасен одговор.

Луѓето ми велат: Берни, планот кој го објави за борба против климатските промени е скап. Знаете што? Во право се. Планот е скап, но цената на неправење ништо е многу повисока.– оцени Сандерс.

Гринпис, Движењето изгрејсонце и останатите организации за заштита на животната средина го поздравија планот на Сандерс како сеопфатна,  амбициозна и неопходна агенда за запирање на процесот на климатските промени.

Многу потешко ќе биде ваквиот план да биде прифатен од

естаблишментот на демократската партија, кој синоќа ги разгневи еколошките активисти со одлуката да не дозволи посебна дебата на претседателските кандидати за климатските промени.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ