Самитот за формализирање на договорот за Брегзит на 25 ноември

По петчасовен состанок синоќа британската влада и даде подршка на премиерката Меј за договорот. Но и покрај подршката, неколкумина од министрите кои се противеа на договорот, денеска си поднесоа оставка. Министерот за Брегзит, Доминик Раб, кој беше на функцијата само неколку месеци по оставката на Дејвид Дејвис, утринава и самиот поднесе оставка, следен од министерката за вработување и пензии Естер Меквеј. Премиерката Меј цврсто опстојува на ставот дека ова е најдобриот можен договор но сепак се соочува со жесток отпор од нејзината партија, каде многумина го сметаат за лош.

  • Постигнувањето на Брегзитот вклучува тешки избори за сите нас. Не се согласуваме за сите прашања, но го почитувам нивното мислење и искрено би сакала да им се заблагодарам за се што направија, рече премиерката Меј.

Подршката за договорот е неизвесна и во Парламентот, каде му се спротиставуја повеќе Ториевски пратеници и Ирската унионистичка партија. Лабуристите, додека се уште одлучуваат дали ќе го подржат, жестоко го критикуваат.

  • Договорот за повлекување е скок во непознатото, лошо составен договор со неутврден датум. Никаде не се спомнува омилениот термин на премиерката, имплементацискиот период, никаде на 585 страници во овој документ. Не е за чудење. Има многу малку за имплементирање, било во договорот, било во политичката декларација, изјави Џереми Корбин – Лидер на Лабуристичката партија.

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, утрово ја поздрави одлуката на владата и потврди дека советот за Брегзит ќе се одржи на 25 ноември. Рече дека не го споделува ентузијамот на премиерката Меј затоа што нема добитници од повлекувањето на Британија од унијата.

  • Дозволете ми да им го кажам ова на нашите британски пријатели. Колку што сум тажен затоа што заминувате, ќе направам се ова збогување да биде колку што е можно побезболно за сите, за вас и за нас, изјави  Доналд Туск – Претседател на Европскиот совет

Нацрт договорот за британското повлекување од унијата ги содржи т.н прашања околу разводот. Во него е вклучена обврската за заштита на правата на граѓаните на унијата, кои работат, живеат или студираат во Британија и обратно. Исто така во него е предвиден и 21 месечен транзициски период по напуштањето на унијата во март 2019 и финансиската спогодба која изнесува меѓу 35 и 39 милијарди фунти, кои Лондон по напуштањето ќе му ги испати на Брисел. Најважно од се, за британската страна, во него е вклучен и таканаречениот „бекстоп“, со кој се гарантира дека нема да се вратат контролите на граничните премини меѓу Северна Ирска и Република Ирска, без разлика како ќе бидат уредени идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ.

 

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ