Самитот Трамп – Путин во сенка на сомнежите околу Рашагејт

„Мислам дека е добар почеток, многу добар почеток за сите“.

По речиси двочасовна тет-а тет средба со Путин, Доналд Трамп го оцени како добар почетокот на самитот со својот руски колега.

90 минути разговори кои почнаа со мало каснење поради доцнењето на летот на Путин кој го остави Трамп да чека. Еднаш пристигнат, Путин кажал дека е време да се разговара за нивните односи, и дека имаат многу мултилатерални прашања во светот со кои треба да се соочат.

Трамп согласен, откако претходно на Твитер напиша дека односите со Русија никогаш не биле полоши, и за тоа го обвини својот претходник Обама, додека руското МНР кратко реплицираше дека се согласува со Трамп.

„Мислам дека имаме големи можности како две земји, кои најискрено, не се солгасуваа најдобро во последните години. Тука сим не предолго време, еве речиси две години, но мислам дека ќе стигнеме да имаме извонредни односи“.

Но, самитот во Хелсинки останува една сомнителна средба после сите истраги околу Рашагејт и го потхранува сомнежот дека зближувањето кое го форсира Трамп е всушност враќање на услугата за русите кои му помогнаа во изборната кампања и најверојатно, беа клучни во неговата победа. Нормално, мотивите со кои Трамп го оправдува затоплувањето на односите е од друга природа.

„Навистина мислам дека светот сака да не види помирени. Ние сме двете големи нуклеарни сили, има 90 проценти од нуклеарките. И тоа не е добра работа, тоа е лоша работа“.

Сомнежите во Вашингтон одат дотаму што имаше и барања да се откаже самитот, или во најмала рака, претседателот да биде придружен од искусни дипломати и експерти, кои не би дозволиле дополнителни интриги на самитот. Но, тука лежи и една контрадикција, Трамп со себе носи голем број на луѓе од Пентагон и ЦИА, луѓе кои во последните месеци работеа против евентуален договор со Москва. Американската надворешна политика, останува на многу тврди позиции, и тоа можеше да се види од проширувањето на санкциите кон Русија.

Со други зборови, настрана волјата на Трамп и неговите интереси, во САД постои се уште една силна структура, техничка и професионална, длабока држава која весла во спротивна насока од претседателот.

Тоа од што највеќе се плашат професионалците, особено по штетата и поделбите кои Трамп ги создаде на НАТО самитот, на Г7, дури и изјавата дека ЕУ е непријател на САД, е дека договорот со Русија може да доведе до „финландизација“ на Балтикот.

Неологизам од Студената војна според кој земјите од Балтикот и Источна Европа би можеле да одберат позиција на неутралност или да подпаднат под благо влијание на Москва, како што беше случајот со Финска до падот на железната завеса.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ