
САД воведоа санкции против Турција поради нејзината операција во Сирија
САД воведоа санкции против турски министри и високи владини преставници поради офанзивата во северна Сирија по жестоките критики за повлекувањето на американските армиски специјалисти од зоната на турската офанзива. Членовите на американскиот Конгрес и од двете партии тврдат дека го изгубиле трпението со Ердоган и се заканија со тешки санкции кои ќе ја осакатат турската економија.
Она што ќе го добие, ќе види обединет фронт, каков што немам видено долго време, на Републиканци и Демократи кои работат заедно со администрацијата ќе удрат врз него како тон од ѕигли, ирански тип на санкции и го заслужува тоа,
тврди сенаторот од Јужна Каролина Линдзи Грахам.
Односите меѓу Вашингтон и Анкара се нарушија со ескалацијата на граѓанската војна во Сирија и подемот на Исламската држава, за чие справување САД одлучи да ги вооружи курдските милиции во северна Сирија и покрај негодувањето на Турција. Дополнително Турција го набави и софистицираниот руски антиракетен систем С-400, предизвикувајќи гнев во Алијансата и нејзините европски членки, кои вчера презедоа чекори за стопирање на сите испораки на оружје од Европа за Турција.
Блокадата на извозот е одлука која ја донесовме поединечно како членки на ЕУ и е во линија со веќе донесените одлуки од страна на другите членки бидејќи сакаме веднаш да делуваме. Затоа што планирањето европско ембарго би ни одзело месеци,
вели италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо.
Сириските владини сили од вчера заземаат позиции низ северна Сирија, прв пат по 2012 година, откако вчера постигнаа договор со курдските Сириски демократски сили за заедничка борба против турската офанзива. Тие ја засилија одбраната на Манбиџ, кој е една од главните цели на турската армија за остварување на планот на Ердоган за воспоставување на 30 километарска безбедна зона во која би ги населил 2-та милиони сириски бегалци кои во моментов се наоѓаат во бегалски кампови во Туција. Ердоган инсистира дека операцијата ќе продолжи до исполнувањето на нејзините цели, без разлика на вклучувањето на сириските владини сили во одбраната на курдската коалиција.
Игор Трајков