САД, Велика Британија и Франција ја нападнаа Сирија

САД, Велика Британија и Франција бомбардираа три локации во Сирија за кои се сомневаат дека се наоѓаат објекти за производство и складирање на хемиско оружје. Нападите беа совршено изведени и целта е постигната објави американскиот претседател Доналд Трамп.

„Никогаш повеќе не сакаме да го видиме враќањето на ова страшно сениште. Затоа денеска, нациите на Британија, Франција и САД ја демонстрираа својата праведна моќ против варварството и бруталноста“, рече Трамп во обраќањето.

Воздушните напади биле извршени рано изутринава за да се спречи понатамошната употреба на хемиско оружје од страна на сириската влада. Британската премиерка, Тереза Меј, тврди дека целта на нападите не е промена на режимот во Сирија.

„Врз основа на постојаниот модел на однесување на режимот и кумулативна анализа на специфични инциденти, сметаме дека е многу веројатно сирискиот режим продолжил да употребува хемиско оружје и ќе породолжи да прави така. Тоа мора да биде запрено“, изјави Меј.

Со оваа воена операција САД дополнително ја усложнуваат хуманитарната катастрофа во Сирија, обвини рускиот претседател Владимир Путин. Во соопштение рускиот претседател напиша:

„Наместената употреба на хемиско оружје беше искористена како причина за напад врз сирија. Проектилите на Западната коалиција против Сирија се акт на агресија против суверена држава. Русија сериозно го осудува нападот врз Сирија, каде што руски војници и помагаат на легитимната влада во борбата против тероризмот.“

Русија била навремено известена за целите на нападот за да се избегне инцидент, изјави министерот за одбрана Џејмс Матис веднаш по завршувањето на операцијата. Меј и Трамп најавија дека ваквите напади ќе продолжат се додека сирискиот режим не прекине со употребата на хемиско оружје, но Матис рече дека со овие напади операцијата завршува.

Сириската владина новинска агенција нападот го нарече флагрантно кршење на меѓународното право, додавајќи дека американската, француската и британската агресија против Сирија ќе пропадне.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ