САД тврдат дека не ја одобриле турската офанзива во северна Сирија

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, негираше дека соединетите американски држави и дале на Турција “зелено светло” за воената офанзива во Сирија.

Помпео ја бранеше изненадувачката одлука на Претседателот Доналд Трамп да ги повлече американските војници од границата меѓу Турција и Сирија. Шефот на американската дипломатија оцени дека Турција има легитимна загриженост за безбедносните прашања и терористичка закана во своите јужни провинции.

Дали САД ќе преземат одговорност во однос на можните последици, затоа што САД и дадоа зелено светло на Турција?” – го праша новинарката Џуди Вудруф, новинарката на ПБС.

Знаете, тоа едноставно не е точно. Соединетите држави не и дадоа зелено светло на Турција” – одговори американскиот државен секретар, Мајк Помпео.

Претходно, Трамп, кој тврди дека САД не ја поддржале турската офанзива, на прес конференција се обиде да му се закани на Ердоган да биде внимателен во Сирија.

Тој беше прашан што ќе направи доколку претседателот на Турција се обиде да ги уништи курдите?

Ќе ја уништам неговата економија доколку тоа се случи. Сигурен сум дека, се надевам дека тој ќе постапи рационално. Но мора да разберете дека тие се борат многу, многу децении, поточно со векови. Тие постојано војуваат едни со други” – изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Тие не ни помогнаа во втората светска војна, ниту во Нормандија, на денот Д, но ние сепак ги сакаме, зборуваше Трамп за курдите, не појаснувајќи каква помош очекувал, кога Курдите во ниеден момент не успеале да формираат држава.

Турција вчера започна со офанзивата на територијата во северна Сирија која досега ја контролираа Курдите, клучниот сојузник на САД во борбата против Исламска држава.

Ердоган тврди дека неговата цел е да создаде безбедна зона, без присуство на курдските воени единици, во која би биле сместени сириските бегалци, кои засега се чуваат во кампови во Турција.

Сепак, критичарите предупредуваат дека турската офанзива може да доведе до етничко чистење на курдите од северна Сирија и да ја ревитализира Исламската држава.

Неколку градови и села досега беа погодени со воздушни напади и артилериски оган , присилувајќи илјадници цивили да ги напуштат своите домови.

Курдската црвена полумесечина соопшти дека 7 цивили биле убиени во нападите, меѓу нив и две деца, додека 19 се во критична состојба од кои четири се деца.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ