
САД се повлекоа од Советот за човекови права на ОН
Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека се повлекува од Советот за човекови права на ОН. САД го сметаат советот за „ѓубриште на политичка пристрасност“, лицемерно тело кое прави пародија од својата задача за одбраната на човековите права, рече државниот секретар Мајк Помпео образлагајќи ја одлуката.
„Советот за човекови права се претвори во сцена на бесрамно лицемерие со игнорирање на многу од најлошите злоупотреби на човековите права во светот. И некои од најсериозните светски прекршители се членки на самиот совет“, вели Помпео.
Вашингтон му замерува на советот за членството на земји како Кина, Куба и Венецуела, каде јасно е документирана злоупотребата на човековите права, а го оспорува и системот на изборите и гласањето за новите членки.
Вашингтон преку амбасадорката во ОН, Ники Хејли и минатата година се закани со повлекување, обвинувајќи го 47-члениот Советот за пристрасност, особено на штета на Израел. Од своето основање ова тело има прифатено многу повеќе резолуции за осуда на Израел отколку за сите други земји заедно, потенцира американскиот Стејт департмент.
„Кога т.н Совет за човекови права не може да се натера себе си да се посвети на масовните злоупотреби во Венецуела и Иран, и ја прима Демократската Република Конго како нова членка, Советот престанува да биде достоен за своето име. Таков совет, всушност им штети на човековите права. И тука секако е хроничната пристрасност против Израел“, тврди Хејли.
Вашингтон од самото формирање на Советот има конфиктни односи со тоа тело. Уште во 2006-та година кога советот беше основан, администрацијата на Буш го бојкотираше поради истите причини заради кои администрацијата на Трамп и го напушти. Истапувањето на САД од Советот на ОН за човекови права се случи во време кога доаѓаат се пожестоки осуди од јавноста поради антиимигрантската политика на Трамп со раздвојувањето на децата од родителите во прифатните центри за илегали имигранти на границата со Мексико.
Игор Трајков