САД ја обвинија Русија за хакирање на нивната електродистрибутивна мрежа

Американската Администрација воведе санкции за 19 Руси поради наводно мешање во американските претседателски избори во 2016та година. Вашингтон исто така ја обвини Русија за континуирана кампања на сајбер напади врз американската ифраструктура, особено врз електродистрибутивна мрежа на САД. Во 19-те лица за кои се воведени санкции се вклучени и 13 лица за кои канцеларијата на специјалниот обвинител Роберт Мјулер, покрена кривични постапки минатиот месец.

„Тајмингот на овие нови санкции е многу значаен. Не само што САД и другите го вперија прстот во Русија за труењето на поранешниот агент, туку доаѓаа неколку денови пред претседателските избори во Русија овој викенд“, смета аналитичарот на Асошиејтед прес, Џош Ледерман.

Ова е првпат Вашингтон директно да ја обвини Москва за агресија во сајбер прострот на американските индустриски сектори. Официјални разузнавачки лица неодамна обвинија дека Кремљ непречено врши хакерски операции против Западот „кога и да посака“.

„Официјалните претставници за национална безбедност ја претставија, она што го опишуваат како, повеќестрана и тековна кампања од руските хакери која се поместува од систем на систем, отварајќи нови кориснички сметки кои се маскирани како легитимни и дури ги бришат логовите за активност за да си ги прикријат трагите“, вели Ледерман.

Кремљ негира каква било вмешаност на руски владини службеници во хакерските напади и порача дека ќе преземе реципрочќни мерки на новите санкции од Вашингтон.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ