Рускиот пилот кој безбедно слета во поле со пченка порачува – јас не сум херој

Пилотот на рускиот патнички авион кој остана без енергија во двата мотори откако во текот на вчерашниот лет удри во јато галеби, денеска е вистинска ѕвезда во руските и светските медиуми затоа што успеа безбедно да го приземји леталото во поле со пченка и само еден човек од вкупно 233 патници и членови на екипажот беше хоспитализиран со потешки повреди.

Пилотот Дамир Јусупов е херој, објавија руските медиуми а портпаролот на Претседателот Путин, Дмитри Пешков најави дека целиот екипаж ќе ги добие најголеми државни почести. Капетанот Јусупов, скромно порачува – јас не сум херој.

  • Јас не сум херој. Не се чувствувам така, затоа што ја вршев својата должност: да го спасам авионот, патниците и екипажот. Имаше само еден начин тоа да го направам и затоа не сметам себеси за херој, секој пилот ќе го направеше истото, вели пилотот Дамир Јусупов.

Здравствените служби потврдија дека 23 лица, меѓу нив 5 деца биле прегледани во болниците, но само едно лице било задржано за дополнителен третман на повредите.

  • Малку се чувствувам виновен дека не ги однесов патниците до нивната дестинација во Симферопол. Зборував со дел од патниците која одев околу авионот. Посакувам оние кои беа повредени набргу да заздрават и да не плашат да летаат со авионите, вели пилотот.

154 од 221 патници на авионот на Урал Ерлајнс одбиле да се качат на наредниот лет за Симферопол, на Крим и ќе добијат компензација за своите неискористени билети во износ од 100 000 рубљи, околу 1500-тини долари.

Останатите синоќа безбедно слетаа на својата дестинација и покрај своите најблиски,  беа пречекани од бројни новинарски екипи.

  • Не знам дали други пилоти ќе го направеа истото. Фала му на бога, тој успеа да го слета авионот на вистинското место, не знам дали некој друг тоа ќе го направеше, изјави патникот Степан Акопјан.

Снаодливоста и вештината на 41-годишниот капетан Дамир Јусупов, западните медиуми ја споредија веднаш со американскиот пилот Чесли Саленбергер кој 2009 –тата година безбедно го слета авионот во реката Хадсон во Њу Јорк, откако исто така погоди јато птици. Во филмот Сали во режија на Клинт Иствуд, американскиот пилот го глумеше Том Хенкс, останува да почекаме да видиме кој ќе го игра рускиот пилот Јусупов.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ