
Русија: Тинејџер изведе напад во училиште, повредени четири лица
Властите во руската република Башкортостан соопштија дека четири лица, меѓу кои три деца, се во тешка здравствена состојба откако тинејџер извел напад во училиште во градот Стерлитамак.
– Според нашите информации, четири лица се повредени и одведени во болница во градот, меѓу кои и три деца. Тие се во тешка состојба, изјави прес-секретарката при републичкото Министерство за здравство Светлана Кускарбекова.
Локалните меидуми тврдат дека ученикот ги избодел соучениците и уште едно лице од персоналот, по што се обидел да ја запали учелницата. Повредени се две 15-годишни девојчиња и еден наставник. Најмалку две лица скокнале од прозорец во обид да се спасат. Откако ја запалил училницата се огласил алармот, што предизвикало паника и во соседните училници. Еден од учениците скокнал од прозорецот од вториот кат и сериозно се повредил.
Очевидци тврдат дека потоа 15-годишнотото осомничено момче се обидело да се самоубие. Медиумите соопштуваат дека по интервенцијата, ученикот е во притвор. Тој во последно време на социјалните мрежи објавувал насилен материјал, меѓу кои и видео од масакрот во средно училиште во Колорадо и се заканувал дека ќе „елиминира луѓе“.