Русија не регистрираше никаков инцидент или дефект на своите нуклеарни инсталации

Русија не регистрираше никаков инцидент или дефект на своите нуклеарни инсталации и покрај  радиоактивното загадување со изотопот рутениум 106, соопшти руската државна нуклеарна компанија Росатом.

Русија синоќа призна дека регистрирала радиоактивно загадување на делови од територијата на крајот од септември и почетокот на октомври, со што ги потврди информациите на неколку европски агенции за следење на радиоактивноста.

Руската метеоролошка служба Росгидромет соопшти дека сите мерни станици во Јужен Урал регистрирале зголемени концентрации на изотопот рутениум 106, а највисока концентрација била регистриарна во селото Аргајаш.

Тоа е лоцирано на 30 километри од нуклеарниот комплекс Мајак кој настрада во 1957 година во една од најтешките нуклеарни несреќи во историјата и денеска служи како место за преработка на потрошеното нуклеарно гориво.

– Радиоизотопот Рутениум 106 беше регистриран од мерните станици во Аргајаш и Новогорниј, меѓу 25 септември и 1 октомври, прецизира Росгидромет во извештајот за состојбата на животната средина на територијата на Руската Федерација во периодот од 6 до 13 октомври 2017 година. Се прецизира дека во Аргајаш е регистрирана крајно висока концентрација на рутениум 106, која за 986 пати ги надминува показателите регистрирани претходниот месец, се наведува Росгидромет.

Во соопштението на Росгидромет уште се додава дека кон крајот на септември и почетокот на октомври радиоактивни честички од Јужен Уран може паднеле во Европа како резултат на пренос на воздушните маси.

Француската агенција за нуклеарна безбедност пре десетина дена изрази уверување дека помал инцидент во една руска постројка изминатиот период предизвикал пораст на радиоактивноста во воздухот над Европа. Се претпоставува дека „можна зона на емитување“ на радиоактивноста била меѓу реката Волга и планината Урал.

Институтот за радиолошка заштита и нуклеарна безбедност соопшти дека присуството на изотопот рутениум 106 не претставува опасност по здравјето или животната средина. Сепак, Агенција за нуклеарна безбедност предложи да се провери храната увезена од тој регион.

Во претходно соопштение на Француската агенција за нуклеарна безбедност, засновано на мерење во повеќе земји, се истакнува дека изотопот рутениум потекнува од инцидент со нуклеарно гориво или од производство на радиоактивен материјал. Најголемата радиоактивност е измерена кон крајот на септември и почетокот на октомври, но повеќе не може да се регистрира во атмосферата.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ