
Руси и Срби осудени за државен удар во Подгорица
Вишиот суд во Подгорица ги изрече пресудите на обвинетите за обид за тероризам на денот на парламентарните избори во Црна Гора во 2016 година. Претседателката на судскиот совет Сузана Мугоша ги прогласи за виновни 14-те обвинети меѓу нив двајца руски државјани Едуард Шишмаков и Владимир Попов, првиот доби 15, вториот 12 години затвор.
Листата е долга, меѓу деветте српски државјани е и поранешниот шеф на српската полиција Бранислав Дикиќ, кој доби осум години затвор, потоа лидерите на опозициониот Демократски фронт Андреја Мандиќ и Милан Кнежевиќ по пет години, како и нивниот возач една и пол година.
Кормиларите на Демократскиот фронт се бранеа дека не го признаваат судот пред кој се води процесот, кој според нив е монтиран и политички мотивиран.
„Откако го пријавиле планот на режимот, сведокот Медојевиќ навел дека продолжиле да даваат лажна информација во јавноста дека ќе ги повикаат граѓаните да се соберат за да бидат службите на погрешен пат, што е дури и признание дека граѓаните ги повикувале на протест по што смета дека дека ги ангажирале Пајо и Синѓо за режија на државен удар“, рече претседателка на судскиот совет Сузана Мугоша читајќи го обвинението.
Според судскиот совет целта на криминалната група била да ги заплашат граѓаните, да ги урнат уставните структури на Црна Гора и да го спречат влезот на Црна Гора во НАТО.
Како што истакна, членовите на оваа криминална организација биле свесни и сакале да ги извршат нелегалните дејствија.
Околу Вишиот суд во Подгорица денеска имаше засилено полициско обезбедување, судската зграда беше опколена со железни огради, а околните улици беа затворени за сообраќај.
Адвокатите на обвинетите бараа одлободителни пресуди бидејќи според нив материјалните докази се спротивни на изјавите на сведокот соработник Саша Синѓелич на што се темели обвинението. Ова е првостепена пресуда обвинетите сега ги подготвуваат жалбите.
Билјана Ставрова