Романија гласа против легализација на истополови бракови

Романија викендов гласа на контроверзниот референдум со кој ќе стане уште потешко истополовите бракови да се легализираат. Целта на кампањата ДА е да се смени уставната дефиниција на бракот- дека тој е заедница од маж и жена, а не заедница од сопружници како што стои во законот. Владејачките социјалдемократи одлучија да се гласа два дена, со цел да се исполни потребниот цензус од 30 %. Референдумот го организира граѓанската иницијатива, блиска на Ортодоксната црква, која собра три милиони потписи. Кампањата која се водеше го подели општеството, а во агитацијата се вклучија и црковните лица. Испратија пораки дека хомосексуаноста во земјата се прелила од Западот, тоа е абнормална ситуација на која и треба лечење.

  • Го браниме бракот од оние кои сакаат поинаков вид на брак. Оној кој не е плодоносен. Оној од кој не се раѓаат деца, не се базира на плод, на величење на човековата раса. Туку се базира на задоволство и хомосексуалност, објаснува свештеникот Себастиан Паскану.
  • Што до Бога може да е добро од тоа? Сакале да посвојуваат деца. Како? Чие дете? Она што е резултат на маж и жена?! Нека имаат свои деца, да видиме дали можат, смета пензионерот Виктор.

За ЛГБТ заедницата во земјата, кои ќе бојкотираат – референдумот е враќање во 90-те, кога црквата ја ширеше заканата дека Романија ќе биде казнета од Бога, зашто ќе наликува на европска Содома.

  • Ова е референдум кој става бариери, ѕидови пред оние кои сакааат да уживаат семејство, кои сакаат и се семејство и поради тоа не можат да ги живеат своите животи заштитени од законот. Исто е референдум кој води кон бран на национална хистерија и омраза насочени кон ЛГБТ заедницата, вели Флорин Бухучеану, активист ЛГБТ

Невладините се надеваат дека народот нема да потпадне на манипулациите од црквата и социјалдемократската партија, бидејќи референдумот има пошироки импликации во однос на нејзината улога и место во ЕУ. Критичарите на референдумот велат дека промената на Уставот ќе ги повреди човековите права и ќе ги дискриминира хомосексуалците.

Поразот на референдумот, би задал сериозен удар на владејачките социјалдемократи, кои многу му се посветија, додека според анкетите им паѓа рејтингот по спорните реформи во правосудството кои се критикувани од Брисел. Партијата се врати на власт пред две години, но минува низ тежок период – ја обвинуваат дека слабо се бори против корупцијата и сака да го контролира судството.

Резултатите од референдумот се очекуваат во понеделник, кога на суд треба да се појави претседателот на социјалдемократската партија Ливиу Драгнеа и најмоќниот човек во Романија, кој во аферата за лажните работни места доби три години строг затвор во првостепената пресуда.

 

Алиса Шутиноска

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ