
Рохани бара одговори од армијата, но и упати закани кон Европа
Иранскиот претседател Хасан Рохани ја повика армијата да даде детално објаснување како се случило по грешка да го урнат украинскиот патнички авион. По три денови негирање и се погласните сомнежи од западните држави Техеран призна дека авионот бил урнат од страна на противвоздушната одбрана, која погешно го обележала како закана. Велика Британија, Франција и Германија како одговор го активираа механизамот за пробивање на условите од иранскиот нуклеарен договор, што го натера Рохани да упати закани и кон нив.
Денеска во опасност е американскиот војник, утре можеби европскиот војник ќе биде во опасност. Да ја коригираме безбедноста, не сакаме несигурноста да завладее со светот. Сакаме да го напуштите регионот но не со војна, сакаме да го напуштите мудро, тоа е за ваше добро, им порача Рохани.
Протестите ширум Иран по откривањето на вистинската судбина на украинскиот авион продолжуваат а министерот за надворешни работи, Џавад Зариф посочи дека тоа е доказ за отвореноста на иранското општество, каде луѓето го искажуваат своето незадоволство затоа што биле лажени од властите. Тој исто така ја пофали армијата за покажаната храброст во преземањето на одговорноста.
Секако ако разгледувате слични ситуации може да се каже дека беше откриено дури и прерано, затоа што имаше инциденти каде 2 години, 10 години поминуваа без никој да преземе одговорност. Затоа нашите вооружени сили беа доволно храбри рано да ја преземат одговорноста, рече Зариф.
Но командантот на воздушните сили на Револуционерната гарда, под чија команда се и противвоздушната одбрана која го урна авионот, тврди дека вистинскиот виновник за грешката се САД.
Ова беше нешто што непријателот ни го наметна нам. Ова е негова вина. Кога сте во војна и двете страни претрпуваат удари. Ние бевме подготвени да зададеме удар и да претрпиме еден како одговор, смета генералот Амир Али Хаџизаде.
Денеска се појави и ново видео објавено од Њујорк тајмс на кое се гледа како две ракети, во интервал од 30 секунди се истрелуваат и го погодуваат авионот. Веднаш по првиот удар украинскиот Боинг врти во обид да се врати на меѓународниот аеродром во Техеран, но по неколку минути експлодира. Њујорк тајмс тврди дека автентичноста на видеото, во кое за прв пат се гледа директниот удар од двете ракети, откако претходно се веруваше дека бил погоден само од една, е потврдена.
Игор Трајков