
Репресија во Бања Лука на протестите за правда за убиеното момче – Полицијата ги уапси родителите
Граѓански протести и револт, апсења, полициско насилство и репресија во Бања Лука, каде прво беше уапсен таткото кој протестираше, барајќи одговорност за убиството на неговиот син.
Полицијата на Република Српска соопшти дека Давор Драгичевиќ бил уапсен поради кривично дело „загрозување на безбедноста“ на министерот за внатрешни работи Драган Лукач и на високиот полициски функционер Дарко Илиќ. Тој пак ги обвинува двајцата за убиството на неговиот син Давид. При апсењето на Драгичевиќ му е скршена раката и тој се наоѓа на хирургија.
По апсењето на Драгичевиќ, на протест излегла мајката на убиениот Давид, Сузана Радановиќ, но набрзо и таа беше уапсена.
„Гледајте му во очи, во очи гледајте го. Што е, немате храброст? А, кога требаше да тепате имавте. Гледајте“…
Полицијата им забрани на сите да се доближат до местото на кое се наоѓа слика од убиеното момче Давид Драгичевиќ, која подоцна припадниците на градската хигиена ја отстранија од Плоштадот на Краина.
Покрај родителите, уапсени се уште неколку членови на групата „Правда за Давид“.
„Без оглед што и да направат на родителите или на сите нас, групата „Правда за Давид“ ја има својата една и единствена цел, да дојде до вистината и да стигне до правдата“, кажа Драган Дабиќ, лидер на „Правда за Давид“
Сараевскиот портал Клик јави дека полицијата го привела и пратеникот во Народното собрание на Република Српска Драшко Станивуковиќ и претседателот на опозициската ПДП Бранислав Бореновиќ.
Групата „Правда за Давид“ беше создадена на 26 март, после прес-конференција на која високи функционери на МВР на РС соопштија дека Давид на кобната ноќ прво се степал со три лица, потоа ограбил една куќа, а по несреќен случај завршил на дното на реката Црквена.
Родителите на Давид Драгичевиќ тврдат дека тој бил киднапиран, мачен, силуван и дека на крајот го убиле припадници на МВР на Република Српска.
Од 26 март на бањалучкиот Плоштад на Краина секоја вечер се одржуваат собири „Правда за Давид“.
Луѓето од Босна, но и од целиот Балкан се вџашени пред овој случај и пред репресијата на Милорад Додик.
Еден од коментарите гласи:
„Не знам дали некаде е снимен филм, каде се обидуваат убиство да го прикажат како самоубиство, потоа ја признаваат грешката и злочинот го нарекуваат злочин, но наместо да ги бараат убијците, ги апсат родителите на убиеното момче за да не ги потсетуваат дека треба да си ја завршат работата, да ги најдат убијците. Чисто се сомневам, затоа што не верувам дека би пронашол продуцент кој би поддржал таква апсурдна приказна“, ќе заклучи новинарот Алмир Панјета.
Ивор Мицковски