
Рекс Тилерсон во посета на Турција
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и американскиот државен секретар Рекс Тилерсон имаа „продуктивен“ разговор во Анкара, во кој ги разгледаа взаемно прифатливите начини за подобрување на билатералните односи, соопшти синоќа претставник на Стејт департментот.
Од друга страна, Кабинетот на турскиот претседател информира дека на средбата, што траела повеќе од три часа, Ердоган „сосема јасно“ ги изнел очекувањата на Турција во однос на сириското прашање.
– Во разговорите беа разгледани регионални теми, пред се Сирија и Ирак, како и борбата против тероризмот и билатералните односи. При тоа сосема јасно беа изнесени турските очекувња во врска со тие прашања, се нагласува во соопштението.
Претпладнево Тилерсон во Анкара ќе има средба и со неговиот домаќин, турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.
Односите меѓу САД и Турција се влошија првенствено околу американската поддршка на Силите за заштита на народот на сириските Курди, кои Анкара ги смета за терористичка организација и огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија и против кои започна обемна офанзива минатиот месец.
Во понеделникот во пресрет на посетата на Тилерсон на Турција, Чавушоглу изјави дека односите меѓу Анкара и Вашингтон можат „или да се возобноват или дефинитивно да се распаднат“.