
Рекордно високи температури во Западна Европа
Поголем дел од Западна Европа повторно се соочува со рекордно високи температури, при што метеоролозите предупредуваат дека вториот топлотен бран во последниот месец денеска ќе го достигне својот врв.
Во Франција е објавен највисокиот ткн црвен аларм во Париз и 19 други региони, предупредувајќи дека во делови од државата се очекуваат температури од 42-43 степени целзиусови.
Жителите и туристите во градот на светлината се обидуваат да се разладат по секоја цена а проблем е и недостатокот на фонтани од кои може да се напијат вода.
“Многу е жешко. Навистина е исклучително тешко да се најде вода овде, затоа што во Холандија може да пиете вода од фонтаните а тука тоа не е возможно.
Бидејќи премногу е жешко, многу бргу може и да дехидрирате” – изјави Пола Маџид, туристка од Холандија.
Во предградијата во Париз, тимови волонтери на Црвениот Крст со вода и храна се обидуваат да им помогнат на најранливите категории од граѓаните – бездомниците, кои немаат каде да се сокријат од пеколните температури.
“Тие се на улица по цел ден, на сонце. Без еркондишни, без начин да се заштитат себеси од горештините, без проверка од лекарите и за дел од нив е многу комплицирано” – вели Ругеро Гати, волонтер од Црвениот Крст.
Според француските медиуми, најмалку 5 смртни случаии може да се сметаат за последица од топлотниот бран а стравувањата се дека оваа бројка драматично ќе се зголеми.
Некои прогнози навестуваат дека денеска може да биде еден од најтоплите денови во историјата и на Велика Британија, со температури околу 40 степени целзиусови.
Пеколни горештини има и во други земји, кои ретко се соочуваат со овие проблеми, како Луксембург, Холандија, Белгија, Швајцарија и Германија.
Во повеќето од нив вчера беа измерени највисоките температури во историјата, но метеролозите предупредуваат дека живата во термометрите денеска ќе се искачи уште повисоко.
“Во Среда, Четврток и Петок очекуваме температури околу 40 степени, можеби и повисоки и тоа е екстремно. Јас имам 62 години и работам како метеролог и никогаш не сум искусил толку долг период на екстремни температури во Германија” – вели Метеорологот, Андреас Фридрих.
Иако периодите на екстремно високи температури се нормална појава, нивната зачестеност во 21-виот век се смета за директна последица на глобалното затоплување и климатските промени.
Никола Илиевски