Расте бројот на жртвите од вулканот Фуего

Војници, пожарникари, волонтери трагаат по преживеани по ерупцијата на вулканот Фуего во Гватемала. Официјалната бројка на жртвите е 69, од кои идентификувани се 17. Илјадници луѓе кои останаа без своите домови се сместени во прифатилишта. Потоци жешка лава, камења, пепел и кал збришаа цели села. Жителите на најпогодените села Лос Лотес и Ел Родео кои останаа без своите семејства очајно бараат помош и од претседателот Џими Моралес кој ги посети.

Енергијата на вулканот денеска е значително намалена, и според вулканолозите, нова ерупоција не се очекува во блиска иднина. Но сметаат дека постои ризик ризикот од пирокластични излевања и вулканските поплави, познати како лахари. Фуего е многу активен вулкан, и е во области каде паѓаат обилни дождови, па кога ќе настапи сезоната на дождови ќе има излевања, лизгања на остатоци лава и карпи, коишто се крајно опасни и смртоносни, велат вулканолозите.

Вулканот еруптираше во неделата и ги затрупа со жешка пепел и кал селата кои се наоѓаат по неговите падини. Ерупцијата била толку брза што жителите не успеале да избегаат навреме. Брзо по ерупцијата, на брегот на Гватемала, регистриран бил и земјотрес со јачина од 5,2 рихтерови степени. Поради жртвите во оваа катастрофа, во земјата е прогласена тридневна жалост.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ