
Наместо дијалог со опозицијата – Рама отвори нов фронт со претседателот Мета
Власта на мирни предизборни митинзи во внатрешноста на Албанија, опозицијата на насилни протести во престолнината. Рама отвори нов фронт овој пат со претседателот Мета. Земјата која чека препорака за почеток на преговори од Брисел- тоне во политичка криза. Откако албанскиот претседател Илир Мета донесе одлука за одложување на локалните избори, премиерот Еди Рама со порака дека греши- „изборите не се ниту на претседателот, ниту пак на партиите“. Сам си ја напиша судбината, немаш право да останеш на функцијата, му порача Рама на претседателот Мета. Категоричен е избори ќе има на 30 јуни.
-Протестите се очаен обид на губитници. Нивна цел е да ги уништат изборите, рече Рама на изборен митинг во Берат.
Рама опозициските водачи ги нарече очајно стадо кое ја посакува Албанија подалеку од Европа. Но лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша од протестот пред владата му се заблагодари на претседателот Илир Мета за одлуката да ги одложи локалните избори и оцени дека тоа е само еден мал чекор напред во започнатата битка. Опозицијата, рече тој, нема да направи ниту чекор назад зашто гласот на демонстрантите се слушна низ целиот свет.
– Оваа недела беше полна со вонредни вести во Албанија, Германија и Европа кои се целосно поврзани со судбината на нашата земја, рече Љуљзим Баша, лидер на опозицијата.
Баша на протест упати порака дека битката продолжува се до заминување на Рама. Полицијата користеше сузавац и водене топове за да ги растера илјадниците демонстранти од пред владата во Тирана. На чело со опозициската Демократска партија тие со барање за предвремени избори ја обвинуваат владата на Рама за организиран криминал и лажирање на избори.
– Протестирам против економија. За се. Екстремната сиромаштија и невработеноста. Ништо не се одвива добро. Сите (земјоделски) производи се фрлаат, вели Мухарем Чуку, демонстрант.
– Овој протест е против неправдите на владата. Тие ги крадат нашите гласови. Тие ни ја крадат заработувачката. Градоначалникот Дако е со бандитите, со криминалците. Незадоволство, сиромаштија, неправда. Ништо, нема надеж. Се е спуштено на нула. Се падна на нула, рече Бафтијар Колечи, демонстрант
Владата ги негирала обвинувањата. Премиерот Рама неколкупати повика на дијалог но без успех, опозицијата ги извади граѓаните на улица на протести, кои започнаа уште во февруари.
Последниот повик да се седне на маса пристигна од претседателот Мета, „не несогласувам, со ниту една страна“, рече тој. Најави дека в понеделник подетално ќе ги објасни уставните, законски и логични причини за неговата одлука за одлагање на изборите.
Првичните реакците околу одлуката на Мета се различни, но сепак преовладуваат оние со оценка дека овој чекор на претседателот е правилен „зашто со тоа спречил граѓански конфликт“.
Билјана Ставрова