
Рахој сменет од функцијата, нов премиер на Шпанија, Педро Санчез
Шпанскиот премиер на конзервативците Мариано Рахој, кој управуваше со земјата во изминативе седум години, денеска се прости од функцијата половина час пред парламентот да му изгласа недоверба на неговата малцинска влада.
„Ќе го прифатам, како демократ, резултатот од гласањето, но како што знаете не можам да се согласам со она што се случи. Чест ми беше, нема поголема чест отколку да си на чело на шпанската влада. Чест ми е што ја оставам Шпанија подобра од она што ја начекав.“, рече Маријано Рахој.
Рахој одбиваше да поднесе оставка, откако неговата конзервативна Народна партија доби парична казна од 4 милиони евра поради земање мито. Судот ја обвинува партијата за илегално финансирање од страна на бизнисмени кои потоа за возврат барале политички услуги. Рахој и неговите сопартијци беа испрашувани пред судот, и изјавија дека не знаеле за нелегалните активности на партијата.
Поради ова, најголемата опозициска партија – Социјалистичката иницираше гласање на недоверба на владата. По автоматизам, нов премиер е лидерот на оваа партија – Педро Санчез, кој успеа да добие поддршка од другите опозициски партии, вклучувајќи ги и каталонските и баскијските поборници за независнот. Санчез ќе биде премиер до 2020 година, и неизвесно е дали ќе свика предвремени избори, со оглед на тоа дека неговата партија има само 84 пратеници во парламентот кој брои вкупно 350. Неговиот опстанок ќе зависи од она што ќе го договори со леворијентираната Подемос со која се разликува за економските прашања.
Смената на Рахој би можела да ја внесе една од најсилните четири европски економии во сериозна политичка криза. На последните избори во 2016-та и Народната парија, и Социјалситичката не освоија мнозинство, но Рахој се одржа на власт благодарение на поддршката на центристичката партија Граѓани. Токму оваа партија која според анкетите во моментов е најпопуларна во земјата, бара итно предвремени избори и ја нарекува новата влада на Санчез, „франкенштајновска влада“.
Алиса Шутиноска