Рааб: Британскиот премиер Борис Џонсон е борец и ќе заздрави

Британскиот премиер, Борис Џонсон е борец и уверен сум дека ќе заздрави, изјави денеска неговиот привремен заменик, шефот на дипломатијата Доминик Рааб.

Џонсон 10 дена беше изолиран и ја раководеше работата на владата од својот дом.

“Можам да ви кажам дека тој ја прима најдобрата можна нега од одличниот медицински тим во болницата “Свети Томас”. Тој беше стабилен во текот на ноќта. Добива стандарден третман со кислород и дише без никаква помош. Не му е потребна механичка вентилација или неинвазивна респиративна помош. Тој и натаму е добро расположен и во согласност со клиничката пракса неговиот напредок одблиску е набљудуван во одделот за критична нега” – изјави шефот на британската дипломатија, Доминик Рааб.

Џонсон тврдеше дека се чувствува добро, но заради постојаната покачена телесна температура и влошувањето на здравствената состојба синоќа на препорака на неговиот лекар бил пренесен на одделот за интензивна нега.

Од коронавирусот во Обединетото Кралство во минатите 24 часа починаа 786 лица или вкупно над 6100.

Во Европа, лоши вести од Франција, каде смртниот биланс се зголеми на повеќе од 10 000 но зрак надеж дека пандемијата е се послаба во Италија. Денеска било регистрирано најмалото процентуално зголемување на бројот на случаите по избувнувањето на епидемијата од новиот корона вирус. Починале нови 604 лица.

Во Грција, здравствените работници денеска штрајкуваа во знак на протест заради лоши работни услови, повикувајќи се на недостаток од медицински работници како и заштитна опрема.  Во Грција од Ковид 19 досега починаа 79 луѓе а регистрирани се 1 755 нови случаи.

Надвор од Европа, ситуацијата е најтешка во Соединетите американски држави, особено во државите Њу Јорк и Њу Џерси. Во текот на последните 24 часа во Њу Јорк починале 731 луѓе, што претставува најголемо зголемување на смртоносниот биланс за еден ден. Само во Њујорк досега има повеќе од 38 000 случаи и речиси 5 и пол илјади смртни случаи. Во соседната држава Њу Џерси починале повеќе од 1000 луѓе.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ