
Путин уште шест години на чело на Русија
Во холот Андреевскии, каде се крунисуваа и руските цареви, денеска по четврти пат Владимир Путин положи заклетва за нов честгодишен претседателски мандат. Откако му беа предадени државните симболи, во својот говор Путин рече дека негова цел е мирна и просперитена иднина на Русија. „Патот напред не е лесен, но историјата не простува само една работа, а тоа е рамнодушноста и недоследноста, и опуштеноста посебно денеска кога светот е на крстосница, рече старо-новиот претседател.
„Ве уверувам дека моја животна и работна цел пред се ќе биде да им служам на мојот народ и татковина.. Русија треба да биде современа и динамична, храбро да ги прифаќа предизвиците на времето и да го јакне своето лидерство во сферите каде сме традиционално силни“, истакна Путин.
Овие ветувања Путин ги дава веќе 18 години. Неговиот мандат опозицијата го споредија со владеење на цар. Денешната негова инаугурација е во сенка на протестите кои се одржаа викендов. Демонстрантите извикуваа „ти не си наш цар“, а полицијата уапси повеќе од илјада луѓе, меѓу нив и главниот опонент на Путин, лидерот на опозицијата Алексеј Навални.
Путин и овој мандат го освои сосема сам, а според резултатите му веруваат речиси 76% од граѓаните. Но, за неговата победа се вели дека е полна со незаконитости. И пред кампањата имаше жестоки превирања на терен. На опозицискиот лидер Навални му беше забрането да се кандидира под обвинување дека бил кривично гонет и поради тоа политички беше одалечен од сцената.
Домашните противници го обвинуваат Путин за поткопување на демократијата во Русија – ги задржува вистинските опозициски партии надвор од парламентот и се осигура дека тој и неговите сојузници ќе ја задржат својата моќ на неодредено време. Поранешниот КГБ агент дојде на власт во 2000-та година. Со оглед на тоа што законски не смееше да владее повеќе од два мандати, својата позиција му ја предаде на штитеникот Дмитриј Медведев.. Тогаш, многумина се сомневаа кој навистина ја води државата, но во 2012-та Путин се врати на претседателското место, овојпат со мандат од шест години.
Кога ќе го достигне крајот на својот четврти мандат во 2024, ќе биде на власт речиси четвртина век, и е еден од најдолговечните светски лидери. Но се уште нема да биде еднаков со 31-годишното владеење на Сталин или владеењето на главните руски цареви.
Алиса Шутиноска