
Путин поканет во Белата Куќа
Портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сендерс синоќа соопшти дека се работи на организирање на посета на рускиот претседател Владимир Путин на САД во текот на есента.
Според Сендерс, американскиот претседател Доналд Трамп го задолжил својот советник за национална безбедност Џон Болтон да ја организира посетата на Путин.
Најавата доаѓа по самитот на Трамп и Путин што се одржа во Хелсинки.
Еден од водечките демократски сенатори Чак Шумер реагираше на најавата барајќи да не се организираат повеќе средби меѓу Трамп и Путин.
Демократската партија и медиумите блиски до неа жестоко го критикуваа Трамп за самитот во Хелсинки, велејќи дека бил премногу попустлив кон Путин, и обвинувајќи го за поврзаност со руското мешање во американските претседателски избори. Поради овој притисок, Трамп беше принуден јавно да ја измени својата изјава од Хелсинки и да каже дека Русија се мешала во изборите во 2016 година.
Во своето најново интервју за телевизиската мрежа Си Ен Би Си, Трамп вели дека ако договорите што ги постигнале со рускиот колега не вродат со плод, тој ќе стане „најголем непријател“ на шефот на руската Путин.
– Ќе бидам најголем непријател што некогаш го имал, изјави Трамп во интервју за Си-Ен-Би-Си. чии делови објави телевизијата.
Трамп сепак нагласи дека сака да ја искористи можноста за унапредување на односите меѓу САД и Русија, дури и по тврдењата на американските разузнавачки агенции дека Москва во неколку наврати се обидела да се меша во претседателските избори во земјата во 2016 година.
– Да се согласуваш со Путин, да се согласуваш со Русија, е позитивно, не негативно, додаде претседателот на САД.
Трамп при тоа го обвини неговиот претходник Барак Обама дека бил „целосно наивен“ во однос на Русија, додека сега, според него, тој има многу поцврст став кон Москва од кој било друг американски претседател во последните „многу, многу години“.
Интервјуто на Трамп за Си-Ен-Би-Си во целост ќе биде емитувано вечерва.