
Путин по четврти пат претседател на Русија
Владимир Путин денеска го потврдува четвртиот претседателски мандат, откако на изборите во март убедливо победи. На власт е веќе 18 години, дел од нив како премиер, а опозиционерите неговиот мандат го споредија со владеење на цар. Во текот на викендот се собраа на протести и извикуваа „ти не си наш цар“, а полицијата уапси повеќе од илјада демонстранти низ 19 руски градови, меѓу нив и главниот опонент на Путин, лидерот на опозицијата Алексеј Навални.
Денешната инаугурација во Кремељ e повеќе приватна, за разлика од онаа во 2012-та година. На церемонијата присуствуваат само волонтерите во неговата кампања. Рускиот претседател и овој мандат го освои сосема сам, а според резултатите му веруваат речиси 76% од граѓаните. Но, за неговата победа се вели дека е полна со незаконитости, кои ги пријавија набљудувачите. И пред кампањата имаше жестоки превирања на терен. На опозицискиот лидер Навални му беше забрането да се кандидира под обвинување дека бил кривично гонет и поради тоа политички беше одалечен од сцената на која Путин беше сам. Домашните противници го обвинуваат Путин за поткопување на демократијата во Русија – политика наречена “успешна демократија” – да ги задржи вистинските опозициски партии надвор од парламентот и да се осигура дека тој и неговите сојузници ќе ја задржат својата моќ на неодредено време.
Путин за првпат беше избран во 2000-та година, а по 4 години го обнови својот мандат пред да се повлече во 2008-ма година за да биде премиер под неговиот штитеник Дмитриј Медведев, бидејќи законот му дозволуваше да служи само два последователни мандати. Многумина се сомневаа кој навистина ја води државата, но во 2012-та Путин се врати на претседателското место, овојпат со мандат од шест години.
Кога ќе го достигне крајот на својот четврти мандат во 2024, тој ќе биде на власт речиси четвртина век.
Но се уште нема да биде еднаков со 31-годишното владеење на Сталин или владеењето на главните руски цареви.
Алиса Шутиноска