Први знаци на меѓупартиска соработка за надминување на владината блокада во САД

Голем дел од американската администрација втор месец нема да добие плата, поради блокадата на федералната влада. Веќе 33 денови трае блокадата во која 800.000 илјади вработени во администрацијата се на неплатено отсуство или работат но не земаат плата. Обвинувањата за тоа кој е виновен за најдолгата блокада во американската историја не прекинуваат.

Не можам да разберам зошто владава е блокирана. Не одам наоколу да им кажувам на луѓето дека сакам владина блокада. Никој не сака блокада на владата. Викендот се сретнав со членови на Крајбрежната стража, единствената гранка од војската која не добива плата. Тоа е смешно, вели сенаторот од редовите на републиканците Рик Скот.

Во уште еден обид да се надминат разликите, лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, репубиканецот Мич Меконел и лидерот на малцинството Чак Шумер, се договорија да стават на гласање два предлога. Првиот е прифаќање на предлог буџетот на Белата куќа, во кој се предвидени 5,7 милијарди долари за изградба на ѕидот кон Мексико, со дополнителни средства за заштита на мигрантите. Вториот предлог потекнува од демократите и предлага одобрување средства за отварање на федералната влада до 8 фебруари, временски период кој ќе се искористи за преговори со кои би се постигнал консензус за новиот буџет. Но голема е веројатноста дека ниту еден од предлозите нема да ги добие потребните 60 гласови во Сенатот и речиси сигурно е дека републиканскиот предлог ќе биде блокиран од спикерката во Претставничкиот дом Ненси Пелоси.

Претседателот седна на маса. Ако не ви се допаѓа неговиот предлог, нашиот систем предвидел процеси преку кои можете да го промените. Но позицијата на спикерката се чини е таа да бара безусловно предавање на претседателот за се поврзано со блокадата, тврди републиканскиот сенатор Марко Рубио.

Иако очекувањата се дека и двата предлога нема да ја добијат потребната подршка, сепак се прв чекор на меѓупартиска соработка и за американската јавност надеж дека постои шанса републиканците и демократите конечно да ги надминат разликите. Исто така во петтата недела на владината блокада, притисокот од јавноста е голем и врз двете партии, прво да ја надминат блокадата а потоа да се расправаат за ѕидот кон Мексико.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ